ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците со заедничка платформа во преговорите за нова влада

Архивска фотографија, Средба на лидерите на албанските политички партии. Али Ахмети, лидер на ДУИ, Зијадин Села, лидер на Движење за промени-ДПА, Гзим Острени, претседател на Унитети.

ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците со вкупно 18 пратеници настапуваат заедно во преговорите за создавање нова влада. Во денешното заедничко соопштиение е наведено дека договориле платформа во која се залагаат за измена на Уставот во кој треба да се наведе дека „ македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.

Во продолжение е посочено дека во Собранието ќе се залагаат за усвојување на Резолуција со која, како што велат, се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956. Дополнително ќе се залагале и за сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб со цел, како што велат, државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.

Натаму во платформата велат дека ќе ја дадат својата поддршка на политичка партија со која ќе ги исполнат следните цели: целосна подршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, потоа целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот, целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта заедно со македонскиот јазик како официјални јазици во Република Македонија, постигнување економска рамноправност преку рамномерен регионален развој, како и решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право со вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

Во платформата се бара и создавање нов механизам во форма на Државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините и создавање Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја.