Се намалуваат очекувањата за странски инвестиции

Архивска фотографија: Отворање на новата фабрика на „Џонсон Контролс“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип на 21 јануари 2014

Во 2008 година, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше странските инвестиции до 2012 година да надминат 700 милиони евра годишно. Кога се виде дека тоа е далеку од можностите, на последните избори најави „значителен пораст на странските директни инвестиции“.

Македонија сака странски инвестиции ама странските инвестиции не сакаат во Македонија. Во изминатите години очекувањата од инвеститори од странство беа високо на агендата, особено на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Со тек на годините, очекувањата постојано се намалуваат.

Во предизборната програма од 2008 година, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше странски инвестиции кои до 2012 требаше да достигнат до 700 милиони евра годишно. Кога есапот не излезе, пред наредните избори во 2011 година ветуваа странските инвестиции до 2015 да достигнат до 600 милиони евра годишно, но откако и тоа остана неостварена желба, пред изборите во 2014 година ги намалија очекувањата на 3-5 проценти од БДП-то, односно од 250 до 500 милиони евра. Кога се виде дека и тоа е тешко остварливо, во предизборната програма од изборите во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ не споменува бројки, туку посочува оти очекува „да се оствари значителен пораст на странските директни инвестиции“.

Странски директни инвестиции во Македонија. Ветено и исполнето.

СДСМ, пак, во предизборната програма наведува дека фокусот ќе биде ставен врз домашните претпријатија и оти „странските инвестиции се дополнување на домашните, но не и нивна замена“.

Еден од директорите на Технолошко-развојната зона Тетово, која засега е единствена која се управува по принципот на јавно-приватно партнерство, Арбен Халили, вели дека во предизборните програми има желби, а не очекувања базирани на реални планови.

„Нашата земја повеќе години се соочува со огромна политичка нестабилност. Никоја сериозна странска компанија не би инвестирала спокојно во една таква земја, независно од процентот на добивката што би ја добила со таквата инвестиција“, вели Халили.

Професор Зоран Ивановски, пак, вели дека има силна конкуренција во привлекувањето странски инвестиции. Македонија дава даночни олеснувања, но тоа го прават и многу други земји, вели тој.

„Да се води разумна политика во привлекување странски инвестиции, но не може да се базира целиот економски развој врз таа компонента. Она што сериозно треба да се земе предвид е можноста да се привлечат македонските инвеститори од странство, покрај домашните инвеститори кои се веќе тука, затоа што основата на развојот на економијата треба да се базира на домашната акумулација и на домашните инвеститори“, вели Ивановски.

Странските инвестиции во првите 10 месеци од минатата година биле 197 милиони евра, покажуваат последните податоци на Народната банка. До крајот на годината, тие веројатно ќе бидат меѓу 200 и 250 милиони евра, што е околу 2,5 отсто од БДП-то.