Дачиќ: Србија погреши што ја призна Македонија под уставно име

Mинистерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

Србија ќе игра конструктивна улога во решавањето на проблемите во регионот, но може да гласа против интересите на земјите кои не ја поддржувале Србија во прашањата кои се важни за неа, како што се признавањето на Косово или членството на Косово во УНЕСКО, вели министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Тој во интервју за српската агенција Бета вели дека тоа не е освета, туку политика на реципроцитет. Србија нема да дозволи никој да ја понижува, вели Дачиќ.

„Чекам во меѓунарoдните организации да се појави некое прашање кое ќе биде важно за Македонија, за Црна Гора, па тогаш ќе видиме како Србија ќе се постави“, вели Дачиќ.

Тој вели дека признавањето на Косово и поддршката за членство во УНЕСКО, ги оптоварува односите на Србија со соседите, но тоа не значи дека ќе преземат нешто во билатералните односи.

Тој вели и дека Србија погрешила што ја признала Македонија под уставното име, затоа што подоцна Македонија го призна Косово.

„Цела Европа и светот за Македонија го користат името ПЈРМ, а ние на нашите браќа Грци им ударивме шамар и сега очекуваме од Грција да не го признава Косово. Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а Македонија постојано гласа за Косово. Јас морам да речам дека сме будали. Еве ќе употребам недипломатски речник“, рече Дачиќ.