Документ што ќе ги содржи потребите на Албанците во Македонија ќе усвојат политичките партии на Албанците со освоени мандати на последните предвремени парламентарни избори во декември годинава, информираше денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети. За содржината на овој документ вчера било разговарано на средбата на Ахмети и првите луѓе на Беса, и Алијансата на Албанците во Тирана со албанскиот претседател Еди Рама.
Овој документ, според Ахмети, не е црвена линија ниту пак неговата содржина се услови за разговори за формирање на новата македонска Влада. Тоа, кажа тој, се основни начела и реални потреби на Албанците во Македонија. Преговорите за нова влада не се почнати, според Ахмети, а тоа ќе се случи кога ќе биде доверен мандатот од страна на претседателот на државата. Документот ќе се објави и за него ќе се разговара по објавување на мандатот, рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ вели дека главните барања што ќе содржи документот произлегуваат од програмите на партиите за изборите 2016, а се однесуваат на јазична и економска рамноправност, реформи во судството, расветлување на некои судски процеси, членство на земјата во ЕУ и НАТО, како и продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Ахмети очекува средбите на лидерите на парламентарните партии на Албанците да продолжат и во Скопје и на нив да им се приклучи и ДПА, бидејќи тоа биле и нивни барања.
Лидерот на ДУИ на забелешките дека позицијата на партиите на Албанците во Македонија се крои во Тирана, рече дека ниту Албанија, ниту Косово не се тие кои ја изготвуваат политиката за Албанците во Македонија и оти тие имаат свои цели и своја програма, но оти секоја помош со истомислениците е добредојдена, како и од меѓународната заедница.
Не одговори дали Македонија нема да добие влада и ќе се оди на нови избори доколку не бидат прифатени барањата на Албанците во Македонија.
Средбата со новинарите Ахмети ја одржа пред почетокот на конститутивната седница на Собранието.