Функционирањето на техничката влада која требаше да ги спроведе изборите експертите го оценуваат како успешно, иако искуството покажа дека имаше одредени слабости и пречки помеѓу политичките субјекти кои учествуваа во неа.
Професорот на Правниот факултет во Битола, Горан Илиќ, вели дека техничката влада имаше привремен карактер, но во крајна линија ја исполнила својата цел на постоење. Владата во која учествуваше опозицијата со двајца министри во ресорите за внатрешни работи и за социјална политика, како и со неколку заменици министри, како што посочува Горан Илиќ, имаше пречки во функционирањето, но ги исполни очекувањата за кои беше наменета и Македонија имаше регуларни и мирни избори.
„Имаше белези на квази концентрациона власт, бидејќи во неа партиципираа членови на политички партии кои немаа мнозинство на мандати во Собранието, туку преку Пржинскиот договор зедоа свој удел. Но дефинитивно ја исполни целта, бидејќи бевме сведоци на избори за кои ДИК се изјасни дека завршија регуларно и во мирен амбиент. Ако навлегуваме дали таков тип на влада може да егзистира и за други прашања во тој случај не би се согласил“, вели Илиќ.
Тој смета дека техничка влада би имала сериозни пречки нормално да функционира и наведува дека политичката влада се креира од мнозинството мандати на онаа коалиција која ги добила во Собранието. Илиќ изјави дека техничките влади како решенија не се популарни и ја дерогираат суштината на изборите. Вакви типови на преодни решенија, како што беше во случај на изборниот процес, според него, може повторно да има само доколу се фокусираат на конкретна тема како што беше случајот.
„Не беше лесно и спроведливо. Имаше пречки во функционирањето на оваа власт. Сведоци бевме на појава на анимозитет помеѓу носителите на министерската функција од една коалиција, наспроти замениците министри од друга коалиција кои партиципираа. Од тие причини не е добро решение да се практикува тоа за секаков тип на прашања, но ако станува збор за определен фокус на прашање за одредена работа може да има такви решенија“, вели Илиќ.
Според неговите согледувања со ваков тип на власт не може да се носат закони кои имаат системско значење. Тој вели дека нема да може да се донесат закони во здравството или во образованието, зашто ќе има сериозни попречувања поради идеолошки судир и политички анимозитет. Покрај забелешките за анимозитетот други експертите имаат критики и поради тоа што власта се уште имала можност да користи софистицирани методи и да ги натера дел од граѓаните да гласаат за неа.
Исмет Рамадани од Евро-атланскиот Совет, вели дека техничка влада треба да има и во иднина три месеци пред изборите и да ги подготвува изборите со цел власта да не ги користи инструменти кои може да ги користи и да влезе на избори со таа предност.
„Иако можеби некаде користејќи ги тие софистицирани начини власта успеваше да ги анимира и условува тие кои би гласале за неа зашто долги години создаваше клиентела во администрацијата. Но како и да е и во наредните изборни циклуси треба да се оди со ваков начин на владеење, односно техничка влада која би ги подготвила изборите“, вели Рамадани.