Мултиетничките проекти се многу потребни во западниот регион на Македонија. Оваа оценка ја изнесуваат учесниците на проектот „Градиме мостови“, што е поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во нашава земја, а што се спроведе во основните училишта „Ристе Ристевски“ од село Долно Косоврасти, дебарко, каде наставата се спроведува на македонски јазик, основното училиште „Екерем Чабеј“, во село Слатино, Општина Теарце, каде наставата се спроведува на албански јазик и училиштето „Неџати Зекирија“ од Општина Центар Жупа, каде наставата се реализира на турски јазик . Овие проекти се многу битни за заедништвото на наставниците и учениците од различните етнички заедници, вели Фадрија Мустафоска, координаторка на проектот во училиштето во Долно Косоврасти.
„Шест месеци се реализираше овој проект, а децата се дружеа, се запознаваа и се стекнаа со многу пријателства, кои трајно ќе продолжат. Со овој проект запознавме разни култури, а контактите преку социјалните мрежи и телефони се редовно меѓу учениците и наставниците од трите училишта. Многу е добро што еве овој детски џагор е тука на местото каде е изграден и детскиот парк кој е дел од проектот“, вели Мустафовска.
Има потреба мултиетнички проекти да има почесто, бидејки тие се ефективни, оценува координаторот на проектот во деветолетката „Неџати Зекирија“ во Центар Жупа, Асим Асан.
„Вакви проекти треба да има почесто. Ние сме задоволни од овие активности и сме среќни што бевме партнер во овој проект со деветолетката „Ристе Ристевски“ од Долно Косоврасти, дебарско . Сметаме дека вакви проекти треба да има почесто, бидејки тоа е во интерес на сите нас, не само на ниво на Дебар, туку и на ниво на Македонија“, истакна Асан.
Во рамките на проектот „Градиме мостови“, се одржани бројни активности со учество на учениците и наставниците од трите училишта. Одржани се бројни заеднички програми, изложби, предавања на кои никнаа бројни пријателства.