Уважена тужба на СДСМ, прегласување во Теарце

Управен суд Скопје.

Управниот суд со мнозинство гласови денеска уважи една тужба на СДСМ за одлука на ДИК за гласањето на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Тужбата се однесуваше за приговорот на опозициската партија за гласањето во изборното место со број 2011 во општина Теарце во изборната единица шест. Според одлуката на судот, гласањето во тоа избирачко место се поништува.

Во пресудата на Управниот суд, е наведено дека тужбата била уважена, бидејќи решението по приговорот ДИК го донела незаконски оти членот на ДУИ, Субхи Јакупи во комисијата иако бил присутен на расправата, истата ја напуштил и воопшто не гласал. Судот утврдил и дека во изборниот материјал на гласачкото ливче во Теарце недостасува образецот 15.

Во доверливиот изборен материјал, како што наведуваат од судот во образложението, е недозволиво да недостасува записник, кој претставува доказ од кој единствено може да се утврди во каква состојба бил изборниот материјал, пред почетокот на гласањето на избирачкото место 2011. Против пресудата на Управниот суд не е дозволена жалба. Пресудата е објавена на веб страната на Управниот суд.

Управниот суд соопшти и дека ја отфрлил втората тужба на СДСМ исто така за гласањето во општина Теарце, но на друго избирачкото место.