За Св. Никола политиката се става на страна

Политика си е политика, но слава си е слава, велат прилепчани. Признаваат дека политичката криза влијае на расположението при прославата на патронот на градот Св. Никола, но додаваат дека од празнување не се откажуваат.

Центарот на Прилеп, булеварот кај параклисот посветен на светецот Никола кој пред 11 години е прогласен за патрон на градот е блокиран за сообраќај. Посната трпеза сервирана во центарот на градот, тежи со 65 илјади посни сарми, виткани од рацете на членките на женските здруженија. Тие подготвија и 200 килограми посен вкусен грав, испржија 350 килограми риби. Сервирани се уште 100 килограми маслинки, исто толку овошје, 2.000 литри бело и црвено вино и 100 литри ракија. Се собираат луѓе од сите страните. Го чувствуваат мирисот на храната, набљудуваат, но, какво е расположението на граѓаните?

„Не се чувствувам расположена. Се знае зошто. Нема уште влада, едните против другите народот го замразуваат и нормално е да нема расположение.“

„Да, расположен сум, политиката е друга работа.“

„Атмосферата не е баш како што треба, повеќе тоа го правиме инертно, така треба да биде и со години се прави. Инаку расположението на граѓаните е такво, не сме баш задоволни“, велат анкетираните прилепчани.

Прилепчани ги прашавме и дали воопшто во оваа македонска реалност сметаат дека е време за слави.

„Верските обичаи сметам дека треба да се запазат секогаш, а и за слави и за други обичаи, мислам дека е на место и дека треба да остане.“

„Празник е празник, состојбата е таа, не можеме да ја смениме.“

„Свети Никола е патрон на градот и тој треба да се слави, макар и после сите овие потешкотии што ги имаме.“

Освен градската слава, христијанскиот празник „Свети Никола“ го чествуваат илјадници прилепски семејства. Граѓаните кои го носат името на светецот, слават и имендени. Затоа, денеска Прилеп живее со празникот. Но, утре животот продолжува, па граѓаните посочуваат на нивните приоритети:

„Оџакот да ми чури, фамилијата да ми е здрава и малку пари да имам во џеб“

„Личен успех за секој, здравје пред сè.“

„Да ми се здрави и живи децата. Во Канада ми заминаа со состојбата, еве три години. Само мирно да биде, па колку ќе има толку“, додаваат тие.

А, домаќини на годинешното чествување кое се одржува во организација на Општина Прилеп, се сопствениците на грчката конфекција „Васидора“, која што работи успешно во градот речиси две децении.