Политичката криза во Полска се продлабочува

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Политичка криза во Полска

Неколку илјади антивладини демонстранти веќе неколку дена протестираат во Полска против владејачката партија на Правото и правдата, која има намера да воведе рестрикции за новинарите кои известуваат од парламентот и направи некои законски измени.

Станува збор за најголема политичка криза во Послка во последниве години.

Членовите на опозиционата Граѓанска платформа ги започнаа протестите во петокот со блокирање на салата во Парламентот пред гласањето за буџетот за наредната година.

Пратениците од владејачката партија ја одржаа седницата во друга сала и без опозицијата го донесоа буџетот, што опозицијата го оцени како нелегално.

„Тие се свесни дека преместувањето на седницата е нелегално од две причини: Не знаеме дали имаше кворум на седницата и второ, сите пратеници не можеа да влезат. Затоа, претседателот треба да го распушти парламентот“, изјави лидерот на опозиционата партија Новочесна, Ришард Петру.

Владејачката партија на Правото и правдата на Јарослав Качински, откако дојде на власт пред една година, ја презеде контролата врз државните медиуми и правниот систем, а е критикувана и од западните сојузници поради плановите за реформи во највисокиот суд. Опозицијата смета дека се во насока на уривање на демократските стандарди.

„Паријата на Правото и правдата ја уништува демократијата во Полска. Ова е веќе премногу. Доколку парламентот е уништен пред очите на целиот свет, тогаш нема друг начин, освен протести“, вели еден демонстрант.

Синоќа, пак, неколку стотици подржувачи на владејачката партија, се собраа пред претседателската палата во Варшава во знак на подршка на Владата. Премиерката на Полска, Беата Шидло, ги осуди потезите на опозицијата, оценувајки ги како скандалозни, додавајки дека искажуваат фрустрации поради губењето на власта.

Синдикатот на полската полиција упати апел до власта и до опозицијата да не ја вовлекуваат во политички игри. Во соопштението се наведува дека вовлекувањето на полицијата во политичката реторика е недозволиво и предизвикува продлабочување на поделбите во општеството.