ВМРО ДПМНЕ со тужба против прифатениот приговор на БЕСА

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски

ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека како предводник на коалицијата За подобра Македонија синоќа до Управниот суд на Република Македонија поднесе тужба против решението на Државната изборна комисија со кое се уважи, како што се вели, скандалозниот приговор на подносителот, политичка партија Движење БЕСА и се поништија резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на РМ, на гласачко место бр. 0396/1, во општина Гостивар изборна единица 6.

Ваквата незаконска одлука на Државната изборна комисија директно влијае на вкупните изборни резултати на штета на коалицијата За подобра Македонија и ја оспорува јасно изразената волја на мнозинството од македонскиот народ, стои во соопштението. Во рамки на тужбата, се додава, правната служба на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија приложи бројни докази и аргументи со кои се потврдува незаконитоста и неоснованоста на одлуката на Државната изборна комисија.

ВМРО-ДПМНЕ повикува да не се врши притисок врз Управниот суд од никого и судиите да одлучуваат исклучиво врз основа на закон. Секое поинакво постапување би било фалсификување и крадење на јасно изразната волја на граѓаните со постизборен инженеринг, се наведува во соопштението на оваа партија.