Заев – Повикувам на трпение и воздржаност, доаѓа слободата

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вечерва ги повика граѓаните да не дозволат никакви провокации од никого „вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија“.

„Неговото време заврши“, порача Заев во соопштение што го објави на социјалните мрежи веднаш откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го прочита прогласот на партијата во кој се вели дека нема да учествуваат во евентуално прегласување и нема да му дозволат на Заев да формира влада.

Заев пишува дека институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот.

„Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада но тие се важни заради вистината и фактите. Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати. Промените се здрави за секоја држава така и за Македонија. Повикувам на достоинствено и трезвено однесување. Повикувам на трпение и воздржаност. Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните. Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски“, пишува Заев.