Никола Тодоров од ВМРО ДПМНЕ на денешната прес конференција уште еднаш повтори дека одлуката на ДИК за графолошко вештачење на потпис на гласачката Фатиме Сулејмани врз основа на еден од приговорите на БЕСА е незаконска и е со цел да се фалсификува победата на неговата партија, при што во затвор ќе завршат невини луѓе со цел да се задоволи амбицијата на СДСМ. Според него, се работи за изборен инженеринг за кој и претходно предупредувале.
Тој им порача на членовите на ДИК да размислат дали се подготвени во затвор да испратат 7 невини луѓе и дали сфаќаат што ќе им направат на нивните семејства. Во однос на тоа дали со протестот пред ДИК се врши притисок врз комисијата, Тодоров негираше дека тоа е целта, туку дека било важно ДИК да работи согласно законите. Тој посочи и дека не знае дали пред ДИК, биле собрани нивни поддржувачи, иако функционери на ВМРО ДПМНЕ држеа говори и дека се работело за незадоволни граѓани од работата на ДИК.
Во меѓувреме во ДИК соопштија дека графологот утврдил оти Сулејмани не гласала и дека нејзиниот потпис бил фалсификуван, при што во тек е расправата по тој приговор. Во ДИК вчера беа повикани на сослушување и претседателот на комисијата и нејзините членови за случајот со Сулејмани.