Државната изборна комисија во три ипол часот по полноќ ја прекина јавната расправа за приговорите поднесени од политичките партии за изборите одржани на 11 декември. Продолжение на седницата закажаа за утре напладне.
Во вечерните часови пред седиштето на ДИК се собраа поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ кои порачаа дека нема да дозволат да им биде украдена победата на изборите. Додека членовите на ДИК расправаа за приговорите поднесени од страна на СДСМ,партиски челници на ВМРО-ДПМНЕ пред насобраните луѓе порачуваа дека тие се победници на изборите и дека ДИК тоа треба да го соопшти. Во говорите функционерите на ВМРО-ДПМНЕ упатија закани до претседателот на ДИК, но и до „амбасадорот“, алудирајќи на амбасадорот на САД во Македонија, а се заканија и дека ако не се признае победата, ДИК ќе се соочи со гневот на народот. Тие рецитираа стихови, цитираа делови од книги на македонски автори, споменуваа историски настани, пееја песни, а актерката Валентина Божиновска рече дека ова е „Ноќ на ножевите“.
Откако поддржувачите дозна дека седницата на ДИК е прекината почнаа да се разотидуваат, иако само малку пред тоа пратеникот Владимир Ѓорчев рече дека нема да си одат од предДИК се додека не се признае победата на ВМРО-ДПМНЕ.