ВМРО-ДПМНЕ повторно на протест пред ДИК

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на улицата пред Државната изборна комисија

Неколку стотина приврзаници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва повторно се собраа на протест пред просториите на ДИК, додека комисијата одлучува за приговорите на СДСМ. Велат дека сакаат да спречат да биде украдена изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Улицата пред ДИК е затворена, а насобраните извикуваат „Лопови“ и „Македонија“.

Комисијата претходно одби седум приговори на политичката партија Беса, а за еден приговор ќе се изјасни дополнително, откако ќе се направи графолошка анализа на една гласачка, која тврди дека некој друг гласал во нејзино име.

Во моментов членовите на ДИК ги разгледуваат приговорите на СДСМ.

Речиси истовремено, пред партиското седиште прес-конференција одржа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека во ДИК се спроведува лакрдија во сценарио на претседателот на комисијата Александар Чичаковски.

Тодоров реагира на одлуката на ДИК да има графолошко вештачење на потписот на гласачката Според него, ваквата одлука е незапаметена досега и побара од ДИК да ја коригираат одлуката и да не дозволуваат да се работи спротивно на законот.