Груевски: Со Заев се немаме видено и чуено

Прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по првичните резултати од парламентарните избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на својот Фејсбук профил напиша дека со лидерот на СДСМ Зоран Заев се немаат ниту видено, ниту чуено и оти во овој период е фокусиран кон формирање на новата Влада со цел реализација на изборната програма.

„Со Заев по изборите се немаме ниту видено ниту чуено, иако очекував да ми ја честита победата. Но се покажа дека нема сили за тоа. Во минатото, нормално, повремено кога имало потреба сме се гледале или слушале телефонски, вклучително и во саботата пред изборите кога Оливер Спасовски најпрвин го побара Никола Тодоров, по што и ние се слушнавме со цел да размениме информации во правец на избегнување проблеми во изборниот ден“, пишува Груевски.

Тој додава дека Заев очигледно прави максимални напори да ја продолжи политичката криза во Македонија.

Заев претходно изјави дека со Груевски не се гледаат низ нишан на пушката, туку комуницирале за време на изборниот процес, па дури и во периодот на молкот. Им порача на граѓаните дека нема да не се плашат зашто нема да изгубат ништо, туку дека ќе изгуби само врхушката на власт.