Специјалци вршеа претрес во домот на началникот на СВР Куманово

Граѓани пред домот на началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ каде специјалци вршеа претрес.

Специјалци вечерва вршеле претрес во домот на началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ, јавува нашиот дописник од Куманово. Началникот Величковиќ на функција е назначен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Според извештаите специјалците барале материјали од изборите, под сомнение за наводен изборен криминал, но началникот им рекол дека нема ништо, по што следел претрес на станот. Откако соседите дознале што се случува се собрале пред куќата на началникот, а потоа дошле и поддржувачи на СДСМ, за како што велат, да не дозволат апсење на Величковиќ. Пред неговиот дом дошол и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, кој повикал на смиреност.

Наредбата за претрес на куќата на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ е издадена од Јавното обвинителство за организиран криминал, потврдуваат полициски извори. Оттаму велат дека за повеќе детали треба да се бараат информации во Јавното обвинителство. Засега нема информации од Обвинителството.

После неколку часа специјалците си заминале, а потоа и граѓаните насобрани пред куќата на Величковиќ, а началникот заминал во полициската станица во Куманово.