Иванов им честита на победниците на изборите, но не кажува кои се тие

Претседателот Ѓорге Иванов

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во денешната изјава за медиумите изразува задоволство од спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември, нагласувајќи дека не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните.

„Пред сè им честитам на граѓаните што покажаа одговорност и излегоа во масовен број да го остварат своето право на глас. Годинава, кога одбележуваме 25 години од нашата независност, покажавме демократска зрелост и го потврдивме нашиот капацитет за спроведување на фер, слободни, мирни и демократски избори“, вели Иванов.

Тој им честита на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори - на победниците, како и на сите партии кои беа вклучени во изборниот процес.

„Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи“, истакнува претседателот Иванов.

Посочува дека релевантните домашни и меѓународни институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава.

Во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, како што вели Иванов, ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, како што вели, очекува во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија.