Набљудувачите на Цивил подготвиле над 650 извештаи во кои е нотирана најмалку по една категорија на изборни нерегуларности. Во нивното соопштение е наведено дека над илјада граѓани им се обратиле преку отворените телефонски броеви во текот на изборниот ден. Ден потоа, Цивил констатира дека изборниот процес во целост, бил исполнет со голем број сериозни нерегуларности.
„Катастрофалната состојба на Избирачкиот список оневозможи голем број граѓанки и граѓани да го остварат своето гласачко право. Фантоми и починати лица гласаа, а живи луѓе не можеа да гласаат. Одговорните за оваа состојба мора да се соочат со последиците од хаваријата на Избирачкиот список и кршењето на правото на глас“, се вели во соопштението.
Според Цивил изборниот процес и денот на изборите протекоа мирно и без насилства, иако во тензична атмосфера, исполнети со бројни и сериозни нерегуларности. Најчесто евидентирани се огромни притисоци, уцени, полнење на кутии, семејно и групно гласање, злоупотреба на малолетници и поткуп на гласачи во сите краишта на земјата.
„ Вработените во институциите на државата грубо го кршеа изборниот молк непрекинато, поточно, тој како и да не постоеше. Гласањето на болните и изнемоштените беше проследено со низа нерегуларности.“
Од Цивил предупредуваат дека при броењето на гласовите, за неважечките ливчиња се прогласувани и такви каде што јасно се гледа волјата на гласачите.