Крајно време е ДИК да излезе со конечните резултати и да ја соопшти распределбата на мандатите, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција. Тој рече дека на најважниот ден, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, на пладне си отишол да спие до 19 часот. Дали отишол да спие или отишол некаде на консултации, праша Ѓорчев, забележувајќи дека однесувањето на Чичаковски е индикативно.
Тој апелира да се почитува волјата на гласачите. „Да не помислат да ја фалсификуваат волјата на гласачите“, рече тој. Ѓорчев вели дека во многу поголеми држави, кога резултатите биле многу потесни, само после неколку часа по затворањето на кутиите ги објавуваат резултатите и поразениот му честита на победникот. ВМРО-ДПМНЕ победи во повеќе од 50 општини, а СДСМ во едвај десетина општини, рече тој.
„Изборите поминаа во најдобар ред и време е да се објават резултатите и да му се честита на победникот, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ѓорчев, нагласувајќи дека сајтот на ДИК вели дека ВМРО-ДПМНЕ води со 17 илјади гласови разлика.