Странски новински агенции: избори со нерешен резултат

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на собирот по изборите, Скопје, 11.12.2016.

По скоро сите пребројани гласови од вчерашните парламентарни избори во Македонија по се изгледа ниту владејчаката ВМРО ДПМНЕ, нити опозицискиот СДСМ немаат да имаат големо парламентарно мнозинство, јавуваат странските новински агенции.

Новинската агенција Асошитед прес јавува дека Државната изборна комисија, по објавувањето на првичните резултати од изборите, не излегла со проекции за пратеничките места.

Сепак, како што се наведува, сигурно е дека ниту една од двете големи коалиции нема да може сама да формира влада и оти тоа ќе треба да се направи со некоја партија на албанците.

Асошитед прес прецизира дека овојпат за тоа ќе биде неопходно повеќе од една партија на албанците во Македонија.

Јавувајќи за нејасниот изборен победник, германската новинска агенција ДПА исто така проценува дека партиите на албанците во Македонија најверојатно ќе играат клучна улога во формирањето владина коалиција.

Новинската агенција Ројтерс јавува за „виртуелно нерешено“ меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и оти и двете партии прогласија победа која нивните приврзаници ја славеа низ улиците.

Дека и двете партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ прогласија победа на изборите јавува и новинската агенција Франс Прес.

Сепак, како што наведува, за гласачите најважен резултат ќе биде тоа да добијат влада која ќе биде „способна да ја врати стабилноста по долгата политичка криза.

Оваа агенција ја пренесува и оценката на ДИК дека немало поголеми инциденти на денот на гласањето.