Тачи - Целосно ја преземам одговорноста за изборниот резултат на ДПА

Архивска фотографија: Претседателот на ДПА Мендух Тачи

Претседателот на ДПА Мендух Тачи целосно ја презеде одговорност за постигнатиот резултат на партијата на предвремените парламентарни избори.

„Одговорноста за лошиот резултат на ДПА на изборите ја преземам целосно јас како претседател на партијата и од срце им се заблагодарувам на сите наши активисти што го направија невозможното. Но, има и една голема победа - конечно ДУИ ги загуби катастрофално изборите кај Албанците. Победници на овие избори се движењето Беса и НДП што се во коалиција. Искрено им честитам и им кажувам дека ја имаат подршката од ДПА. Нашите гласови и нашите пратеници ќе ги поддржат без никакви услови“, рече Тачи на прес-конференција што се одржа во партиското седиште на ДПА во Тетово.

Одговарајќи на новинарско прашање околу тоа што значи преземање на целосната одговорност за изборниот резултат на ДПА Тачи изјави дека се знае кога претседател на партија ја презема одговорноста.

„Јасно е, но не смеам вечерва да го кажам бидејќи ги чекаме конечните резултати и не сакам ништо да драматизирам. Се знае кога презема претседателот одговорност“, рече Тачи.