Невладината организација Цивил оцени дека изборниот ден поминал со извонредно голем број нерегуларности.
„Нерегуларностите беа последица на долгогодишно структурно насилство, нерегуларности кои беа последица на политичка дискриминација, широко распространета корупција и отсуство на владеење на правото“, рече претседателот на Цивил, Џабир Дерала.
Тој рече дека без разлика на изборниот резултат, набљудувањето на Цивил ќе биде значаен документ за тоа што се случуваше и што се случува со македонското општество.
Катастрофалната состојба на избирачкиот список оневозможи голем број граѓани да гласаат.
„Фантоми и починати гласаа, а живи луѓе не можеа да гласаат. ДИК не успеа да го овозможи правото на глас на сите граѓани и граѓанки“, рече тој.
Дерала рече дека имало непрекинато кршење на изборниот молк, а биле забележани притисоци, уцени, полнење на кутии, семејно и групно гласање и поткуп на гласачи, а била попречувана и работата на набљудувачите на Цивил.