Странските медиуми за изборите во Македонија

Луѓе гласаат на избирачко место во Скопје на предвремени парламентарни избори 2016.

Македонија одржува предвремени парламентарни избори кои, според странските новински агенции, се клучни за завршување на кризата во земјата.

Новинската агенција ДПА наведува дека изборите се можност за крај на неколкумесечната политичка парализа и за враќање на Македонија на курсот за членство во Европската унија.

Агенцијата Ројтерс пак, меѓу другото, потсетува дека изборите се дел од договорот меѓу релевантните политички партии со посредство на Европската унија постигнат во минатата година.

Предвремените парламентарни избори, како што потсетува новинската агенција Асошитед прес, биле договорени во обид да се смири длабока политичка криза предизвикана од скандалот со прислушувањето.

Агенцијата Франс прес забележува дека предвремените избори биле на два пати одложени поради загриженоста на опозицијата и на меѓународната заедница за можни изборни измами.

Политичката нестабилност заедно со недоволните реформи ги подзапреа македонските аспирации кон Европската унија, заклучуваат странските агенции, наведувајќи дека денешното гласање е и своевиден тест на стратегијата на Европската унија, односно на процесот за приклучување на нови членки.