Цивил регистрира изборни нерегуларности

Цивил - Џабир Дерала (архива)

Набљудувачите на Цивил забележале притисок врз гласачите, непочитување на тајноста на гласањето и непочитување на изборниот молк, изјави Џабир Дерала, првиот човек на невладината Цивил на прес конференција.

Од Цивил велат дека до сега не забележале случаи на насилство.

„Гласачите добиваат телефонски повици од партиските штабови ширум земјата, оваа информација ја добиваат повеќе наши набљудувачи, тоа е недозволен притисок врз гласачите“, рече Дерала.

Од Цивил нотирале и евиденција на гласачи од страна на администрацијата или партиски активисти кои стоеле непосредно до гласачките места, а имало и злоупотреба на државни ресурси во партиски цели. Дерала вели дека дел од нивните набљудувачи добивале и вербални закани, на некои од нив им биле одземени легитимациите за мониторинг или пак им биле фотографирани.