Граѓаните денеска избираат нов пратенички состав

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Предвремени парламентарни избори

Речиси еден милион и 800 илјади полнолетни граѓани, според избирачкиот список денеска имаат можност да гласаат на предвремените парламентарни избори. Од нив околу 230 илјади се заведени на посебен избирачки список. Од 7 часот изутрина до 19 часот се гласа на 3480 избирачки места во Македонија.

Граѓаните на Македонија денеска избираат нов пратенички состав. На вкупно 3480 избирачки места се гласа од 7 часот наутро до 19 часот.

Со важечка лична карта или пасош граѓаните кои гласат денеска треба да заокружат еден реден број на гласачкото ливче. Новина годинава е избирачкиот список во кој освен личните податоци на гласачот е вметната и фотографија, како и посебниот избирачки список кој брои нешто повеќе од 230 илјади граѓани за кои вкрстувањето на податоците покажало дека живеат или работат во странство. Во употреба годинава ќе биде безбојниот спреј кој може да се види само со УВ ламба.

Тие што денеска нема да се најдат во избирачкиот список или во посебниот список, може да побараат помош во најблиската канцеларија на ДИК. Доколку на граѓаните им е нарушено гласачкото право или забележат некакви неправилности, тоа може да го пријават на отворените телефонски линии на ДИК и МОСТ. Ако поради некоја причина се прекине гласањето на едно избирачко место истото може да се продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но ако тој е подолг од 3 часа во тоа избирачко место не може да продолжи гласањето. Според изборниот законик, со глоба од 750 до 2.250 евра ќе биде казнет оној што ќе се обиде да гласа во име на повеќе луѓе.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Изборно мени

Вчера гласаа затворениците, болни и немоќни луѓе и дијаспората. Иселениците правото на глас го исполнија во 46 избирачки места во дипломатско-конзуларните претставништва. За овие избори за гласање се пријавија 20 573 граѓанидржавјани на Македонија кои живеаат или работат во странство.

На избирачкото ливче граѓаните тајно треба да заокружат само една од 11-те понудени опции. На изборното мени годинава се најдоа 5 коалиции и 6 партии. Во трка за до 123 пратенички функции учествуваат вкупно 1.092 кандидати.

ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и коалицијата „ ВМРО за Македонија“ понудија кандидати за сите 7 изборни единици. Коалицијата „За промени и правда“ се откажа од свој претставник во дијаспората.

Само ПДП учествува во една изборна единица, односно довербата на граѓаните ја бара од тетовско гостиварскиот регион. Левица и Либералната партија нудат по сто кандидати, односно немаат свои листи ниту за шестата, ниту за 7 изборна единица.

Движењето Беса и Коалцијата „Алијаса за Албанците“ свои кандидати нудат само во изборните единици 1, 2, 5 и 6.

Пратеничките столчиња ќе бидат пополнети по Донтовиот метод, односно мандатите ќе се распределат според принципот на пропорционална застапеност, користејќи го највисокиот просек на освоени гласови. По прочистувањето на избирачкиот список право на глас имаат речиси еден милион и 800 илјади граѓани од кои повеќе од 230 илјади се запишани на посебен избирачки список.

Изборите во недела ќе ги следат 7.585 домашни и 667 странски набљудувачи. Во ДИК се акредитирани и 75 страсни новинари. Најмногу домашни набљудувачи имаат акредитирано Граѓанската асоцијација МОСТ - 3.435 и Здружението за хуманитарни активности СИНЕРГИЈА – Штип - 3.387 набљудувачи, ЦИВИЛ – Центар за слобода - 308.

Мисијата за набљудување на избори ОБСЕ/ОДИХР акредитираше 281 набљудувач, Мисијата на ОБСЕ во Скопје 65, Амбасадата на САД 51 набљудувач, Парламентарното собрание на ОБСЕ 27.