Нема леви и десни партии кога се бркаат гласови

Олимпија Христова - Заевска, Изборен компас. Изборен компас е бесплатна онлајн алатка којашто им овозможува на гласачите да ги споредат своите позиции со позициите на партиите кои ќе учествуваат на престојните парламентарни избори.

Партии кои се леви застапуваат десничарски политики, а десничарски партии, според економските политики кои ги застапуваат се на левата страна од оската, тоа се должи на општиот контекст во Македонија, каде е многу важно да се допре до населението, вели Олимпија Христова - Заевска од Изборен компас во разговор за РСЕ.

Се држат ли партиите до својата идеологија во политиките кои ги предлагаат?

Според она што ние можевме да видиме во медиумите и од самите изјави на партиските претставници, не секогаш се поклопуваат со она што тие го имаат во своите програмски документи, во своите изборни програми и така што токму овде е нашиот придонес, да ги разјасниме оние позиции коишто ние ги земаме од нивните програми и ги споредуваме во однос на она што тие го пласираат како ставови во јавноста.

Кај кои партии бевте најмногу изненадени околу резултатите?

Бевме изненадени кај партии кај кои пример очекувавме можеби попрогресивни ставови, на онаа нормална оска на која се мери тоа, како на пример кај „Левица“, во однос на прашањето за етничките малцинства, очекувавме дека ќе ги поддржат нивната претставеност во администрацијата, јазици, меѓутоа тие на пример имаат надетнички ставови и тоа ги прави помалку прогресивни од она што очекувавме. Исто така кај некои парти кои традиционално се сметаат за десничарски, видовме дека според економските политики, всушност се на левата страна од оската.

Мислите на ВМРО-ДПМНЕ?

ВМРО-ДПМНЕ се доста блиску до самиот центар, се уште се десно заради она што ги застапуваат оние политики на слободен пазар, меѓутоа имаме партии на пример Обединети за Македонија, кои се најдоа на левата страна од оската, токму поради тоа што застапуваат доста социјални политики, меѓутоа тоа, би рекла, дека се должи на општиот контекст во Македонија, каде е многу важно да се допре до населението со ние политики за загарантирана минимална плата, за социјален приход, за грижа за невработените, коишто го поместуваат онаа традиционално сфаќање за десничарските партии кое ние го имаме.

Од што беа најмногу изненадени анкетираните во однос на програмата на политичките партии?

Многумина од граѓаните беа изненадени од македонскиот блок тоа што добиваа резултат со партии од албанскиот блок, што ние се надеваме дека би било позитивно да размислиме да ги надминеме оние граници кога гласаме во етнички блокови и да размислиме дали можеби партии од другата етничка страна би ни одговарале во однос на конкретните политиките кои ги нудат.

Важни ли им се политиките на граѓаните во однос на тоа за кого ќе го дадат својот глас на изборите?

Од она што досега го имаме како некој прелиминарен резултат увидовме дека граѓаните преку ваквата алатка и не се спремни да го сменат своето мислење за она за кого ќе гласаат, меѓутоа задоволни сме и од процентот на граѓани кои ни одговориле дека ова ги натерало да размислат за своите партиски преференци, иако можеби не во овој изборен циклус, тие би решиле да го сменат своето мислење за кого би гласале.