Федерализација: вистинска или измислена тема за изборите?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Избори 2016 - Меѓуетнички односи

По повеќе од две недели кампања останува нејасно кој бара федерализација и од кого се брани унитарноста. Во четирите неделни интервјуа на РСЕ со СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, партиските претставници не го прецизираат тоа.

И во последнава недела од изборната кампања партиската реторика не се смени - ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека планот на Заев бил федерализација на државата, СДСМ тврди - таа е само во главата на Никола Груевски. Врз основа на изјавите на претседателот на СДСМ очигледно има некакви намери во делот на редефинирање на државата, одговори носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден, Никола Попоски на прашањето кој сака да ја федерализира Македонија.

„Мислам дека многу изјави имаше во изминатиов период во кои даваше дефиниции и елементи било да е тоа во делот на локална самоуправа, полиција, безбедност кои имаат сериозни елементи на кантонално уредување на Република Македонија“, рече Попоски.

Законот во Македонија е јасен и нашиот Устав е европски и либерален и ги гарантира сите права на граѓаните, само треба нивна примена. Ниту Устав ќе се менува, ниту има потреба од промена на некои законски решенија, тврди претседателот на СДСМ Заев.

„Федерализацијата е само во главата на Груевски. Кантонизацијата којашто ја споменува не знам од каде му паднала на памет . Кантонизацијата којашто ја споменува не знам од каде му паднала на памет. Унитарноста на државата се гарантира само со сплотеност, со рамноправност, со еднаквост“, рече Заев.

И додека СДСМ е обвинуван од ВМРО-ДПМНЕ дека „ја продава државата во обид да земе гласови од Албанците“, претседателите на ДУИ и на ДПА во интервјуа за Радио Слободна Европа тврдат дека тоа нема да се случи. СДСМ нема право на албанските гласови дециден е Ахмети.

„Не, не апсолутно не сме загрижени. Мислиме дека СДСМ нема да добие ништо со овие акробации, да ги наречам организациски, или пак со овие пораки за граѓански партии, бидејќи е изненаден и самиот албански електорат од каде излегоа тие како спасители“, вели Ахмети.

Ставањето на Албанци на листите на СДСМ зема гласови само од ДУИ, не и од ДПА смета претседателот на партијата Мендух Тачи. Не се плашиме и во тоа нема ништо лошо, нагласува тој.

„Но, ќе опстојам на тоа дека во Македонија треба навистина да има политички договор меѓу двата народа, Македонците и Албанците. Тој политички договор ќе овозможи сите да живееме рамноправно и сите да ги уживаме благотетите на институциите на државата“, вели Тачи.

Овие две партии на Албанците ветуваат остварување на поголеми права за таа етничка заедница, но ниту една од нив не бара федерализација или кантонизација.