Размена на идеи за понапредна сајбер цензура, поголема контрола на странските корпорации, спречување на тајна комуникација преку социјалните мрежи се само дел од темите за кои постои сомнеж дека двете земји се консултираат. Сомневањата за можна соработка меѓу службите за контрола врз интернетот на двете земји се појавија откако Кина и Русија организираа заеднички настани за интернет безбедност. Двете страни наводно за ова се договориле во минатиот декември на конференција на која присуствувал рускиот премиер Дмитри Медведев и Фанг Бинзинг, креаторот на кинескиот владин проект за интернет цензура. Според Солдатов, ко-автор на книгата „Црвен интернет: Борбата меѓу руските дигитални диктатори и новите онлјан револуционери“ оваа соработка можно е да е инциирана од проблемите со застарениот и веќе неефективен руски систем за интернет контрола, воспоставен во 2012 од Кремлин.
„Рускиот систем за интернет контрола никогаш не беше многу технолошки напреден и на Кина се гледа како на држава која може да обезбеди технологија. Уште во август беше јасно дека има преговори меѓу Хуавеј и Lenovo за лиценцирање на кинеските произведувачи во Русија за да се спроведе „Законот Јароваја“, легислатива со која се зголемуваат можностите на властите за собирање на информации од интернет“, вели Солдатов.
Кои работи ги учи Русија од Кина? Солдатов смета дека Русија е заинтересирана за развој на втора фаза од системот за интернет-филтрирање со што ќе може подетално да се пребарува во интернет страните, бидејќи стариот систем со кој само се блокираат веб страни веќе не е ефективен. Друга тема е контролирањето на имињата на интернет страните кои сакаат да ги користат големите глобални корпорации со цел да се изврши поголем притисок врз нив.
И Кина „зема“ од Русија
Во Русија постои Лига за безбедност на интернет, квази - независна организација од волонтери кои доброволно патролираат на интернет. Бинзинг направи слична организација минатиот март во Кина. која во суштина ја копира руската Лига за интернет безбедност. Кина одобри нова легислатива за сајбер безбедност во ноември во која има член за локализирање на податоците на кинеска територија и тој е многу сличен на руската легислатива во оваа сфера“, вели Солдатов.
Кинеската технологија која Русија може да ја примени е и блокирање на интернетот во одредени региони доколку властите го побараат тоа, како и поголема контрола врз заштитената комуникација преку месинџерите на мобилните телефони. Како што потенцира Солдатов, Кина тестира технологија со која може да се идентификуваат уредите кои користат вакви месинџери и потоа откриените веднаш се исклучени од мобилната мрежа. Корисникот на овој начин ја губи можноста да комуницира преку интернет и добива само една порака да се упати до најблиската полициска станица.
„И тоа е се, веќе не може да го користите телефонот. Во оваа сфера Кина е многу понапред од Русија“, додава Солдатов, ко-автор на книгата „Црвен интернет: Борбата меѓу руските дигитални диктатори и новите онлјан револуционери“.
Подготви Миркица Поповиќ.