Поголема плата и да се вратат нелегално изнесените пари од Македонија, се дел од очекувањата на поддржувачите на опозициската СДСМ кои вчера беа на централниот митинг пред Владата во Скопје. Запрашани колку навистина е можно да биде исполнето ветувањето за 30 илјади денари просечна плата и 16 илјади денари минимална плата во ситуација кога стопанството е изнемоштено, поддржувачите на СДСМ што ги анкетиравме велат дека е тешко, но за четири години сепак можно.
„Тешко ќе биде, еден лесен услов ќе биде кога украдените пари од страна на Груевски и компанија ќе се вратат, тогаш ќе може. Ако тоа не се случи, не може да имаме 30 илјади или 500 евра плата“, вели анкетиран граѓанин, присутен на митингот на СДСМ.
„Во текот на четиригодишен мандат реална е програмата за 30 илјади денари просечна плата, бидејќи овие даночни политики и даночниот систем кој е на сила, дава привилегирани можности само на најбогатите слоеви во општеството, додека оние на дното немаат можност, рамниот данок тоа го овозможува. Кога ќе се приберат повеќе средствата по основ на даночни приходи од побогатите слоеви во државата, тогаш ќе може да се изедначат граѓаните во општетсвото и ќе дојдеме до тие 30 илјади денари.“
„Ќе се спроведе со убав план сè, нема да се даваат пари за непродуктивни работи, само за продуктивни трошоци ќе одат парите од буџетот.“
„Има шанса, економист е Зоран Заев“, велат дел од присутите на митингот.
Но за да може да заживее економијата, доколку победи на изборите. потребно е Заев да опстои на ветувањето дека ќе бидат вратени во Македонија незаконски изнесените пари, велат дел од поддржувачите на СДСМ.
„Ако има правда треба да ги вратат, ако краделе претходните треба да ги вратат парите.“
„Дефинитивнио постои во регуларна судска постапка, доколку се конфискува имот кој не е легално стекнат има можност со судска пресуда да се конфискува. Факт е дека не владее тендерократска власт која е во заминување.“
„Украдените пари мора да се вратат, бандитот мора да си оди, Никола Груевски мора да си оди, Зоран Заев е нашиот месија.“
„Ако се спроведе како што треба и закон и сè, украдените пари може да се вратат“, велат дел од присутните од митингот.
Подржувачите на СДСМ сметаат дека ова се историски избори затоа што по нив очекуваат крај на политичката криза. Илјадници луѓе се собраа на централниот митинг на минусни температури во знак на поддршка на кандидатите за пратеници на коалицијата на оваа партија на предвремените избори на 11 декември. Лидерот на СДСМ Зоран Заев изборите ги оцени како „избор меѓу пропаст и живот“ На митингот се обратија носителите на сите шест изборни едници, како и Павле Богоевски, Никола Димитров и Бени Шаќири. По двочасовниот минтинг кој заврши со говорот на Заев дел од поддржувачите на СДСМ забавата ја продолжија во дискотека додека останатите се разотидоа.