Република - Заев ја украл кампањата „За живот“
Најновата вест од неделникот Република е дека СДСМ и Зоран Заев ја украле кампањата „За живот во Србија“ од српската партија Двери, а на тоа се зачудил Срѓан Ного, во интервјуто за неделникот, втор човек во пратеничката група на таа партија во српскиот парламент. Неделникот ги користи тврдењата на Ного за во друг текст да ги пласира своите тези дека, цитирам, „Заев нуди распад на државата, а не нов живот“ и дека „Украдената кампања служи како маска за федерализацијата“. Потоа наведува дека Заев бил мртов политичар, дека наскоро ќе морал да одговара за сите, како што пишува, злодела кон државата и кон македонскиот народ и дека опозицијата ќе морала да бара нов лидер и ново раководство. А до денот на изборите, завршува Република, „остануваат уште неколку дилеми, меѓу кои прашањето дали членовите и симпатизерите на СДСМ ќе имаат храброст да кажат „не“ за редефинирање на државата, дали неопределените навреме ќе ја препознаат играта на Заев и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди мнозинство кое ќе стави крај на кризата и враќање на државата на нормален колосек“.
Фокус - Не ширете меѓуетничка омраза
Една од редовните колумни во Фокус како да одговара на тезите на Република со предупредувачки наслов: „Не играјте со оган и не ширете меѓуетничка омраза!“ А во текстот следново исчудување: „Заев ќе ја федерализирал Македонија! А, бе, не играјте си со овој народ вие несовесни, ограничени и корумпирани пропагандистки. Меѓу народов има секаков свет. Може некој огорчен, сиромав, безнадежен, кој нема пари да си го прехрани семејството, а нема пари ни за да бега надвор по светов, во сиот негов очај да ви поверува!“ За да заврши со повикот: „Не земајте го човекот на душа! Не полнете го со отров дека за неговата тешка животна судбина се виновни Албанците. Не мора да му ја кажувате целата вистина дека баш Груевски и неговата десетгодишна криминална политика го довела во таков ќорсокак. Лажете и понатаму, само не играјте си со оган и не ширете меѓуетничка омраза во Македонија. Зашто не сте сами. Такви перјаници како вас има и меѓу Албанците“ – завршува Фокус.
Глобус - Примитивната злоупотреба на национализмот
„Празни решета“ е насловена една од колумните во Глобус, во која покрај другото се вели: „Забегано мавтајќи со националистички решета Груевски се обидува да го прикаже Заев како предавник, а себеси како патриот и бранител на македонштината. Примитивната злоупотреба на национализмот од (не)луѓе со ограничен ум, лесно може да се оттргне од контрола со погубни последици... Двојазичноста е прашање кое најмалку треба, а уште помалку може, да се решава во изборна кампања кога, под влијание на популистичка пропаганда на партиите, емоциите се вжештени“, пишува Глобус, па констатира: „Знаењето јазици е израз на култура и богатство на човекот, а со одбивање и незнаење соседите ќе (продолжат да) живеат во паралелни светови. Не двојазичноста, туку нејзиното отсуство, можат да бидат повод за недоразбирања, кантонизација и федерализации“.