Со идеја за збогатувањето на културниот живот на градот и посебно едукација на младите луѓе, особено студентите на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на залезот на оваа 2016 година, добиваме една нова и навистина интересна манифестација – Денови на современа балканска музика. Нејзин потписник како организатор е Сојузот на композиторите на Македонија, а промоцијата беше сторена со рециталот на пијанистката Ана Гацева, на кој таа изведе дела од творци како Сорин Лереску, Ирина Хаснас и Елена Апостол од Романија и нашите Гоце Коларовски, Александар Пејовски и Никола Димушевски.
До спуштањето на завесата на ова деби издание на Фестивалот ќе бидат одржани уште два концерта на кои ќе настапат солистите од ансамблот за современа музика „КонТемпора“.
„Сметавме дека ќе биде добро некој вид вакви настани да се организираат и да се одржат токму во Штип за да може од една страна да се проследат денешните струења и правци во современото уметничко музичко творештво и во овој дел од земјата. Најпрво и да се збогати музичкиот живот, но и студентите да можат да проследат што точно се случува, а целта на ансамблот „КонТемпора“, кој патем е создаден од СОКОМ и делува во рамките на активностите на нашата асоцијација, е изведување на македонски дела и на македонско творештво во земјава и во странство“, вели Валентина Велковска-Трајановска, композиторка и професорка на Музичката академија при УГД.
Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ е формиран во 2014 година од страна на Сојузот на композиторите на Македонија, со цел да бидат што почесто изведувани и промовирани нови дела од македонски автори. Во изминатите неколку години од своето основање, ансамблот има остварени турнеи во Холандија, Белгија, Австрија и одржано бројни концерти во Република Македонија.
Згора на тоа „КонТемпора“ има реализирано и повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Италија, Индонезија, Иран, а во својот досегашен репертоар има претставено преку 50 дела на автори од земјава.
На вториот концерт, закажан за среда 7 декември, планирано е да настапи Дувачкиот квинтет на „КонТемпора“ во кој членуваат Катерина Бачевска (флејта), Владимир Лазаревски (обоа), Игор Иванов (кларинет), Горан Јанев (хорна) и Марјан Милошевски (фагот). Тие подготвуваат програма со дела од великаните Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов и Стојан Стојков, Валентина Велковска – Трајановска, бугарскиот автор, диригент и академик Марин Големинов и унгарскиот композитор Ференц Фаркаш.
Конечно, Денови на балканска музика ќе бидат крунисани со настапот на Гудачкиот квартет во кој се Владимир Костов (виолина), Симон Поповски (виолина), Бојан Талески (виола) и Паскал Р. Краповски (виолончело). Уметниците, на 14 декември, во Концертната сала на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на љубителите на сериозната музика ќе им ги претстават своите изведби на творбите од современи македонски автори како Панде Шахов, Јана Андреевска, Валентина Велковска- Трајановска и прочуените хрватски композитори Дубравко Детони и Сања Дракулиќ.
„Фестивалот Денови на современа балканска музика започнува оваа година, но се надеваме дека и следните години ќе можеме да го организираме и реализираме, бидејќи неговото постоење е навистина многу значајно од повеќе аспекти. Концертниот живот во Штип ќе биде збогатен со настани кои носат сосема нови уметнички содржини, а ќе одзвучи и творештвото на македонските композитори кое многу ретко се изведува низ градовите во Македонија“, појаснува Вековска – Трајановска.
Таа дополнува дека со изведбата и на дела од композиторите од соседните и земјите на регионот публиката ќе има можност директно да ги проследи и состојбите со музичкото творештво на Балканот. На тој начин, како што ќе рече, се отвораат и перспективи за меѓугранични соработки кои би придонеле уште подобро да се запознаеме, всушност „да ги изѕидаме музичките мостови на денешнината“.