Во Македонија денеска, според најавите на организаторите, ќе бидат засадени 2 милиона и 600 илјади садници на 556 хектари во рамките на акцијата „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“. Само на подрачјето на Скопје, според најавите, ќе бидат засадени милион дрвца. Оваа акција почна во 2008 година и досега се одржала 16 пати. Притоа, како што велат организаторите, биле пошумени скоро 13 илјади хектари со околу 35 милиони садници. Критичарите на оваа акција на владата сметаат дека пошумувањето се одвива без план, а опозицијата дека се трошат многу пари без да има некакви резултати.