Објавувањето на аудио записите од прислушкуваните комуникации кои откриваат коруптивни и криминални акти сторени од претставниците на највисоката власт во Република Македонија ги позиционираше проблемите и потребите на заедницата на лезбијките, геј мажите, бисексуалните, транс* и интерсексуалните (ЛГБТИ) лица на дното од агендите на политичките партии и останатите политички чинители во државата.
Во истата позиција се најдоа и проблемите на Ромите и бегалците, чии права беа и се континуирано прекршувани на редовна основа. Со исклучок на изјавата на Зоран Заев по минатогодишниот масовен протест на 17 мај пред зградата на Владата на Република Македонија и присуството на знамињата со боите на виножитото кај дел од учесниците на протестот чиј датум се совпадна со IDAHOBIT – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, ЛГБТИ-темите не беа предмет на јавна дебата или поопсежна опсервација и елаборација во јавниот и медиумскиот простор.
Со цел да се зголеми присуството и видливоста на ЛГБТИ-потребите и проблемите во јавната и политичката сфера, како и да се зајакнат заложбите и напорите на политичките партии за застапување на правата на ЛГБТИ-лицата, деновиве Субверзивен Фронт започна со спроведувањето на кампањата „Гласај за еднаквост“.
За потребите на кампањата, спроведовме истражување на застапеноста на ЛГБТИ-проблематиките кај политичките партии преку анализа на нивните програми, како и преку доставување прашалик за вклученоста на ЛГБТИ-лицата во нивните агенди.
Прашалникот во верзија на македонски и албански јазик беше доставен до вкупно 31 политичка партија, а одговори на истиот доставија претставници на само 5 политички партии: Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Либерално демократската партија, Либералната партија, Демократска обнова на Македонија и Левица.
Од добиените одговори и од анализата на програмите на политичките партии, може да се издвојат следниве три главни заклучоци:
1. Многу мала е застапеноста на ЛГБТИ-прашањата и проблемите во политичките програми на партиите. Овие прашања се најмногу застапени во програмите на партии со мала политичка моќ и влијание. Ова е резултат на доминантните хетеронормативни и патријархални вредности во општеството кои се рефлектираат во практиките на партиите да избегнуваат засилено јавно изјаснување и давање јасна поддршка кон борбата за човекови права и еднаквост на овие лица
2. Клучните теми кои политичките партии во Република Македонија ги адресираат се однесуваат на темелните права и слободи на ЛГБТИ-лицата, и тоа правото на еднаков третман и недискриминација, правото на слобода од насилство, правото на живот, слободата на говор и изразување, и слободата на јавно собирање и здружување.
Останатите социјални и економски права, како на пример, правото на склучување истополово партнерство, со исклучок во програмата на Либералната партија, не се застапени. Исто така, воопшто не се застапени правата на транс* лицата како на пример, правото на приватност, правното признавање на родот, и правото на пристап до соодветни, но не и задолжителни мерки на здравствена заштита кои ќе го регулираат извршувањето на хируршките интервенции и на медицинските процедури за признавање на родот. Интерсексуалните лица – лица кои се родени со хромозомски, хормонски или генитални карактеристики кои не одговараат на зададените бинарни родови стандарди на машки и женски категории, освен во самиот акроним – ЛГБТИ, никаде не фигурираат во политичката агенда.
3. Единствена партија која позитивно одговори на прашањето дали има ЛГБТИ-кандидати во листата за претстојните избори е Либералната партија
Дополнително, подолу се наодите од анализата на програмите на дел од политичките партии кои не одговорија на прашалникот, поточно на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, како и Демократски сојуз и коалицијата за промени и правда.
Во програмата „Реално! - Работа, сигурност, напредок“ на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, ЛГБТИ-лицата никаде не се споменати, ниту сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Во само два предложени проекти - проект бр. 79 и проект бр. 80, се предложени одржување на основни обуки за промоција на концептот на недискриминација и за спречување на говор на омраза, како и изработка на водич за родителите за препознавање на дискриминација во инлузивното образование.
Во двата проекта е нејасно дали се опфаќа дискриминацијата заснована на сексуална ориентација и родов идентитет. Во проект бр. 54, пак, се предложува обука за учениците од VIII и IX одделение од основните училишта за сексуално и репродуктивно здравје. Повторно е нејасно дали овие теми ги покриваат и проблемите и потребите на младите ЛГБТИ-лица.
Во програмата „Промени, правда, прогрес 2016-2020“ на Демократски сојуз и коалицијата за промени и правда, сексуалната ориентација е опфатена во делот на „Професионални и независни медиуми“ и тоа како: „Поддршка на иницијативите на здруженијата и синдикатите на новинарите за целосна декриминализација на клеветата и навредата, но истовремено и почитување и заштита на вистината и човековото достоинство, на интегритетот и дигнитетот на човекот, без оглед на расна, политичка, етничка, родова, верска, социјална, или сексуална припадност“, меѓутоа и во делот на „Образовен систем“ со тоа што намерата е да се воведе задолжително сексуално образование во основните и средни училишта.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.