Ветувања за подобар живот гарнирани со навреди кон политичкиот противник и заплашувања дека другите сакаат да ја продадат државата. Се чини дека испробаниот рецепт за предизборна кампања нема да се менува. Власта обвинува дека со федерализацијата СДСМ сака да ја продаде Македонија, опозицијата, пак, дека власта веќе ја продаде и оти парите ги однесе на сметки во Панама, Белизе и во други оф-шор дестинации.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ѕвезда во првата недела на кампањата несомнено е лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, кој на почетниот митинг на владејачката коалиција во Охрид се појави во впечатлива бунда од астраган и нерц.
„На 11, специјален кафез спремам со еден зајак од три метра висок. Ќе го донесам на бина на најголемиот митинг и ќе му покажам кај се наоѓа тој зајко, каде му е местото. Таму му е местото, а не да биде премиер на Македонија. Каков премиер, какви бакрачи“, рече Бајрам.
Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија Љубисав Иванов Ѕинго, веројатно среќен што во коалицијата со конзервативната ВМРО-ДПМНЕ им се придружи и Слободан Угриновски од Титови леви сили, препознатливо го поздрави присутните на охридскиот митинг.
„Дами и господо, другари и другарки“, рече тој,
Ѕинго не штедеше пофалби за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Човекот е реформатор како што е оној Дионсјанк Пенг[веројатно мисли на Денг Сијаопинг], како што е Рузвелт во Америка, како што е Ерхард во Германија, како што е Петар Велики во Русија и така натаму. Нашиот реформатор започна да ја развива Македонија која беше уништена од една мангупска банда“, рече Ѕинго.
Панчо Минов од ГРОМ, пак, на митингот во Кавадарци зборуваше за значењето на дијалектот.
„Кичма ќе виткал! А бе, знае ли он, кавадарчани се револуционерен народ? Или бива ли таа у Кавадарци да се лафе двојазично? А бе, ние дијалектот не го мењаме, не јазик, двојазично бе“, рече Минов.
Историски споредби за лидерот не изостанаа ниту на претставувањето на кандидатските листи на ДУИ, кога Артан Груби го спореди партискиот лидер Али Ахмети со Хасан Приштина. Сепак, насобраните го оставија Груби сам да си скандира „УЧК“ на бината.
Опозицискиот лидер Зоран Заев, пак, во Кичево, имаше кардиолошки настап.
„Имам два микрофони, имам некој говор во џебот, но велам ај да го отворам срцето овде во Кичево“, рече Заев.
Се чини дека лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој е дел од коалицијата ВМРО за Македонија, најпрецизно го лоцираше проблемот – загаденоста.
„Живееме во земја во која 10 години на граѓаните на Република Македонија им е загаден моралот“, рече тој.
Сепак, граѓаните сега се позаинтересирани за воздухот. За моралот веројатно ќе се разговара по изборите.