Столтенберг и Трамп имале добар разговор за иднината на НАТО

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, 9 ноември 2016.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека имал позитивен разговор со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп за иднината на Алијансата.

„Со Трамп имавме добар разговор. Двајцата ја истакнавме важноста на НАТО и прашањето за трошоците за одбрана“, напиша Столтенберг денеска на Твитер.

Во соопштението на НАТО, стои дека Столтенберг и Трамп разговарале телефонски, при што шефот на НАТО му ја честитал изборната победа на Трамп и му пренел дека со радува на соработката со неговиот тим за национална безбедност.

Во соопштението се вели дека Столтенберг му се заблагодарил на Трамп за тоа што во неговата кампања го поставил прашањето за трошоците за одбрана, тема која е и врвен приоритет на шефот на НАТО, од неговото назначување во 2014 година.

„Двајцата лидери се согласија дека е постигнат напредок во однос на фер поделба на товарот, но дека има уште работа на тоа прашање“, стои во соопштението.

За време на неговата кампања Трамп се закани дека САД ќе се откажат од нивните сојузници во Европа доколку не трошат доволно за нивната одбрана.