До полноќ, кога заврши рокот, листи за изборите на 11 следниот месец, поднесоа коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, опозициската коалиција предводена од СДСМ, Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, партиите ДУИ, ДПА, ПДП, ЛП, Левица, СДПМ и Беса и НДМ.
Носител во првата изборна единица на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е Никола Попоски, во втората Никола Тодоров, а во третата Илија Димовски. Листата на коалицијата во четвртата изборна единица ја предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Антонио Милошоски е прв во петтата, Влатко Ѓорчев во изборната единица шест, а во седмата изборна единица Рамазан Ифтаровски.
Коалицијата на СДСМ во првата ИЕ ја предводи Стево Пендаровски, а Оливер Спасовски во втората ИЕ. Во третата ИЕ носител е Љупчо Николовски, во четвртата претседателот на СДСМ Зоран Заев, петтата Радмила Шеќеринска, а во шестата Петре Шилегов.
Носител на листата на ДУИ во првата ИЕ е Артан Груби, во втората Ејуп Халими, во третата Нафи Дурмиши, а во четвртата Артин Спахиу. Во петтата ИЕ прв на листата е Агим Шаќири, во шестата лидерот на партијата Али Ахмети, а во седмата Џевдет Спахиу.
Кај ДПА прв на листата во ИЕ 1 е Идриз Орана, во ИЕ 2 Орхан Ибраими, а Сами Рушити ИЕ 3. Во петата Изборна единица носител е Адриан Хусеини, а претседателот на ДПА Мендух Тачи е прв на листата во шестата изборната единица.
Листата на Коалицијата за промени и правда во првата ИЕ ја предводи претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, а во втората, претседателот на ФРОДЕМ Јове Кекеновски. Во третата ИЕ прва на листата е Весна Стоименовска од ДС, четвртата Слободан Богоевски, петтата Александар Делов од ФРОДЕМ, а во шестата Бранко Мајсторовски од МОРО - РП.
Носител на листата на Коалицијата ВМРО за Македонија во првата изборна единица е Ден Дончев, во втората Љупчо Балковски, а во третата претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов. Листата во четвртата ИЕ ја предводи лидерот на ВМРО-Народна партија Љубчо Георгиевски, во петтата претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во шестата Зоран Велковски, а во седмата Стојадин Наумовски.
Од „Левица“ во првата изборна единица носител е Димитар Апасиев, во втората Трајче Стојанов, а во третата Марија Џонс. Четвртата изборна единица ја предводи Митко Николов, а петата Здравко Савески.
Кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа. Ждребувањето за редоследот на листите треба да се одржи на 20 ноември.
На полноќ истече и рокот за пријавување државјани на Република Македонија кои живеат во странство за гласање на изборите, како и за лицата со спорни записи и увидот во избирачкиот список.
Според последните информации од ДИК, досега се пристигнати 20.293 пријави од државјани на Република Македонија кои живеат во странство за гласање на изборите, од кои се прифатени 18.706.