Демонстрации против изборната победа на Трамп

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протести во САД по победата на Трамп

Илјадници демонстранти протестираа во многу градови на Соединетите Држави, од Бостон до Лос Анџелес, против неочекуваниот избор на Доналд Трамп за претседател. Главно мирните демонстранти носеа транспаренти со критики за неговите ставови спрема имигрантите, муслиманите и другите малцински групи.

Илајдници демонстранти излегоа на улиците на Њујорк упатувајќи се кон зградата на Петтата авенија на Менхетен каде што живее новоизбраниот американски претседател.

Повеќето од демонстрантите извикуваа дека тој не бил нивен претседател.

Еден од нив е и Брендон од Мериленд кој вели:

„И покрај тоа што навистина не можеме ништо да промениме и ние мора да го прифатиме она што се случи, сакаме да се знае дека сме разочарани. Ова е страшно“, вели тој.

Со него се согласува и Лејла од Њујорк:

„Тој е олицетворение на систем пропаднат во виртуелна реалност, каде што одиме на овие лажни поими и простори и никој не знае што е реално“, вели таа.

Некои од демонстратнтите изјавија дека не биле подготвени не само на победата на Трамп, туку и на подготвеноста на претседателот Барак Обама и на водечките фигури во Републиканската партија да склучат мир со него и да ги заборават сите грдотии од изборната кампања.

Една од учесничките на протестот Наташа Елена вели дека не е поддржувач на кој било од претседателските кандидати, но решила да протестира поради реториката на кампањата на Трамп.

„Мислам дека тоа зборува за обесправените луѓе, дека некој како него би можело да им понуди нешто на масите. Мислам дека ни Хилари не е спасител, таа има империјалистичко минато. Мислам дека таа е многу опасен кандидат, но мислам дека способноста на Доналд Трамп да ги мобилизира можеби латентните расистички мисли е неверојатно ужасна и итно треба да се изнесе тука“, вели таа.

Протести во Калифорнија, 09.11.2016.

Демонстрантите во Њујорк не се сами. Протести имаше и пред Белата куќа во Вашингтон, пред хотелот на Трамп во Чикаго, а претходно во неколку градови во Калифорнија.

На неочекуваната победа на Трамп американските граѓани реагираа со разочарување, но и со надеж.

Ева Мауер од Вашингтон не ја крие фрустрацијата:

„Бев шокирана од резултатите. Имав поголема верба во нас како земја, знаете, да не се одбере некој со толку тесен поглед на светот“, вели таа.

Сепак има и такви како Хенри Овеидо кој вели дека станува збор за голема работа:

„Имам чувство дека ќе бидеме подобри со господинот Трамп, бидејќи тој не е политичка личност. Тој навистина ќе ја промени земјата“, вели тој.

Политичките аналитичари се зачудени од победата на Трамп со оглед на тоа што анкетите покажуваа дека фаворит е Клинтон.

Џон Худек од Институтот Брукингс вели:

„Мислам дека ова беше низок одѕив на гласачите на изборите и страната која беше повеќе ентузијастичка на крајот победи. А во многу држави, во повеќето неопределени држави, страната која беше поентузијастичка беа поддржувачите на Трамп“, вели тој.

Некои експерти, пак, велат дека бројките на анкетите биле погрешни поради застарените методи на кои се спроведуваат тие.