Уставниот суд на денешната седница ја отфрли иницијативата на политичката партија Движење БЕСА од Скопје за оценување на уставноста на член 196-б ставови 1 и 4 од Изборниот законик, Одлуката за отворање канцеларии на ДИК во седиштата на единиците на локалната самоуправа каде ќе се спроведува пријавувањето и Јавниот повик за пријавување на граѓани чии записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, усвоен од ДИК на 25 јули годинава.
Според овој член од Изборниот законик, Државната изборна комисија имаше обврска да ги стави на јавен увид на својата веб страна и да спроведе медиумска кампања податоците за 39.502 лица, кои се предмет на проверка на избирачкиот список. Иницијативата беше отфрлена бидејќи одредбата не е веќе во правен поредок.
Судот не поведе постапка по иницијативата поднесена од Народно движење за Македонија (НДМ) на Јанко Бачев, со која беше оспорен членот кој се однесува за оценување на уставноста на изборот на членовите на Ад хок телото за медиуми.
Според НДМ одредбата од Изборниот законик за избор на четири члена на Ад хок телото за медиуми од СДСМ, ДПА, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, не е во согласност со Уставот, бидејќи и другите партии не предлагаат членови за ова тело. Според Судот во овој случај нема ништо уставно проблематично, поради што не поведе постапка.