Доналд Трамп влегува во Белата куќа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Доналд Трамп идниот претседател на САД

Повеќето анкети покажуваа дека ќе загуби, но Доналд Трамп докажа дека може да победи. Бизнисменот кој никогаш порано немал јавна или политичка функција е избран за 45 претседател на САД. Тој победи во клучните држави како Висконсин, Пенсилванија, Охајо, Северна Каролина и Флорида со што доби повеќе од неопходните 270 гласови во Изборниот колеџ.

Обраќајќи им се на приврзаниците во Њујорк, Трамп изјави дека е време за Американците да се обединат.

„Сега е време Америка да ги преврзе раните од поделбите. Ние треба да сме заедно. До сите републиканци, демократи и независни да ви кажам дека е време да бидеме заедно како еден обединет народ. Време е. Се колнам до секој граѓанин на нашата земја дека јас ќе бидам претседател на сите Американци. И ова е толку важно за мене“, рече Трамп.

Тој рече дека имал телефонски разговор со неговиот демократски ривал Хилари Клинтон и оти таа му честитала на победата. Трамп рече дека и тој и честитал за тешката претседателка трка.

Тој се тркаше со ветувањето „Да ја направиме Америка повторно голема“, наведувајќи дека неговите бизнис вештини ќе ги донесе во светот на политиката.

Њујоршкиот милијардер, бизнисмен и поранешна ТВ ѕвезда на риалити шоуа Доналд Трамп неочекувано стана републикански претседателски кандидат.

Дрзок магнат со недвижнини тој ги шокираше политичките експерти и партиски функционери.

Во трката влезе пред 17 месеци и притоа успеа да ги победи 16 други главни кандидати за обезбедување номинација од Репбликанската партија.

Политичкиот почетник остро ги критикуваше и навредуваше неговите ривали на Твитер и на дебатите.

Меѓутоа и самиот неколку пати се најде во непријатна ситуација, особено во врска со неговите навредливи изјави за жените, односно неговите невкусни коментари пред десетина години, а објавени во текот на кампањата.

Тој вети нови работни места и намалување на даноците, не откривајќи многу детали како мисли да го направи тоа.

Трамп за време на кампањата често пати ги менуваше своите ставови за многу прашања.

Тој вети и изградба на ѕид по должината на американско-мексиканската граница за да спречи имигранти да доаѓаат во САД.

Трамп се залагаше и за целосно блокирање на влезот на муслимански мигранти во САД. Според оценките, тој беше губитник во сите три телевизиски дебати со Клинтон.

70-годишниот Трамп оцени дека Клинтон била најлошиот државен секретар во американската историја, додека за Владимир Путин рече дека бил „голем лидер“.

Тој изјави дека Клинтон ќе биде затворена поради тоа што користела приватни мејлови додека била државен секретар.

Двајцата кандидати имаа историски ниски рејтинзи на популарност, иако Трамп дури стоеше полошо од Клинтон. Затоа повеќето од гласачите во САД изјавија дека избираат меѓу две непожелни алтернативи.

Доналд Трамп има германски и шкотски корени, а роден е во Њујорк. Дипломира економија во 1969 година.

Не служел војска, а работел во фирмата на неговиот татко, по што ја наследува во 1999 година.

Неколку пати оваа фирма има прогласено банкрот. Се проценува дека неговото богатство изнесува над 3 ипол милијарди долари. Има пет деца од три бракови.