Поддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени, изјави изутринава американскиот амбасадор Џес Бејли во прес центарот во скопскиот хотел „Александар палас“ каде што се следеа резултатите од претседателските избори во САД.
- Кампањите се период за нагласување на разликите, додека постизборниот период во САД е време на соединување. И сега кога кампањата е завршена, ние од Амбасадата и администрацијата ќе се вратиме на својата работа на градење добри врски помеѓу Македонија и САД, рече Бејли.
Добрата иднина, додаде американскиот амабасадор, е нешто што е заедничко за сите.
- Луѓето од Македонија и САД сакаат просперитет и добро образование за своите деца, како и мир и напредок во светот. Не секогаш ќе се согласуваме како да стигнеме до тоа, но целта е секогаш иста, изјави Бејли.
Истакна дека секои четири години погледите на светот се насочени кон САД и изборот на нов претседател.
- Секои четири години САД слават нешто специјално, право што е во самата основа на нашата држава, право за кое луѓето се бореле. Оваа кампања секако предизвика доста врева, но најважно од сето тоа е дека американските граѓани излегоа да го остварат своето право на глас и нивниот глас ќе биде слушнат, рече Бејли.
Изборот на претседател, наведе Бејли, е сериозна работа и наспроти сета бучава што оваа кампања ја предизвика, таа се занимава и со проблемите на вистинските луѓе, економијата, трговијата, тероризмот, образованието и ангажманот на САД во светот.
Потсети дека американските гласачи вчера избираа и 435 членови на Конгресот, 34 сенатори, како и голем број големи претставници.
Посочи дека во својата 31-годишна кариера, има служено 15 години за републиканците, и 16 години за демократите.