Победа на Доналд Трамп

Новинската агенција Асошитед прес јави дека кандидатот на републиканците Доналд Трамп победи во Висконсин со што обезбеди 276 гласа во Изборниот колеџ и е новоизбран претседател на САД. Трамп имаше значајно водство пред демократскиот кандидат Хилари Клинтон во трката за 270 гласови за да победи во таканаречениот Изборен колеџ кој го избира претседателот на САД.

Трамп освои големи победи и во Охајо, Северна Каролина и Флорида. Клинтон извојува победи во Њујорк, Илиноис и во повеќето држави на североистокот на земјата.

Во исто време во изборите за Конгресот се чини дека републиканците ќе ја задржат контролата во 435 члениот Претставнички дом.

Што се однесува до гласањето за една третина од 100 члениот Сенат, Демократите се надеваат дека ќе освојат уште четири места за да го контролираат Горниот дом на Конгресот. Сепак, според досегашните резултати, овие нивни надежи се губат.

69 годишната Клинтон и 70 годишниот Трамп остро се напаѓаа за време на кампањата со прегреана реторика без преседан во модерната историја на САД.

Трамп, богат бизнисмен од Њујорк и поранешна телевизиска риалити ѕвезда рече дека доколку стане претседател ќе ја затвори Клинтон поради аферата со приватните имејлови додека беше државен секретар.

Тој ја доби номинацијата од Републиканците со контроверзни предлози како забрана за влез на муслимани во САД и изградба на ѕид на јужната граница за спречување имигранти од Централна Америка.

Клинтон, поранешен американски сенатор, државен секретар на САД, и првата дама, пак вети дека ќе ја продолжи политиката на претседателот возаминување Барак Обама.

Светските берзи и американскиот долар забележаа „слободен пад“ по вестите дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп има водство во некои клучлни сојузни држави за победа на претседателските избори пред неговиот ривал демократскиот кандидат Хилари Клинтон.

Берзите во Токио, Хонг Конг и Сеул паднаа од 2 до 5 насто. Во електронското тргување американскиот берзански индекс Стандард и Пур 500 падна за 1,9 проценти.

Американскиот долар падна во однос на јенот и еврото кои пораснаа за 1,3 насто. Паднаа и цените на нафтата, а порасна вредноста на златото.

Повеќето берзи ја фаворизираа Клинтон пред Трамп, бидејќи инвеститорите сметаат дека Клинтон ќе ги задржи политиките на претседателот Барак Обама.

Обраќање на американскиот амбасадор во Република Македонија Џес Бејли