САД гласаат за претседател

Американци гласаат на гласачко место на Менхетен во Њујорк, САД, 08 ноември 2016 година.

И двајцата главни конкуренти од Демократската и од Републиканската партија денеска гласаа. Хилари Клинтон во близина на Њујорк, додека Доналд Трам го даде својот глас на Менхетен.

Американците гласаат кој ќе биде идниот претседател по долгата и една од најспорните кампањи во историјата на САД. Гласачките места беа отворени во многу места на источниот брег од 6 часот изутрина по средноевропско време, а почнаа во неколку мали градови во државата Њу Хемпшир.

Рекорден број на Американци, повеќе од 46 милиони, гласаа на т.н рани избори, по пошта или на избирачките места. Кандидатот на демократите, Хилари Клинтон го даде својот глас во близина на нејзиниот дом во малиот град Чапакуа, недалеку од градот Њујорк.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хилари Клинтон гласаше во Њујорк

„Јас сум многу среќна, јас сум само неверојатно среќна“, рече Клинтон која се појави на избирачкото место со нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон.

Трамп, пак, го даде својот глас на гласачко место во Менхетен, каде што пристигна со неговата сопруга, Меланија.

Клинтон, која има 69 години, е поранешна прва дама на САД, сенатор и државен секретар и таа се обидува да стане првата жена претседател во историјата на САД. Кандидатката на демократите ги повика Американците да гласаат за посилна, поправедна и подобра Америка.

Кандидатот на републиканците, 70- годишниот Трамп, е богат бизнисмен и поранешен телевизиски шоумен. Тој никогаш не бил на државна функција. Трамп го сврте вниманието на јавноста кон себе со контроверзните предлози за муслиманите и жените и најавите за изградбата на ѕид на јужната граница со Мексико.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Доналд Трамп гласаше во Њујорк

Денеска две припаднички на украинското феминистичко движење Фемен беа уапсени во Менхетан откако во знак на протест одржаа топлес протест против републиканскиот кандидат Доналд Трамп, пред неговото избирачко место каде што тој го даде својот глас. Тие извикуваа пароли против Трамп пред да бидат уапсени и отстранети од објектот.

Во САД, според државните закони за избори, кампањата „за“ или „против“ кандидатите во или во близина на избирачките места, претставува кривично дело. Полицијата соопшти дека ќе се покренат обвиненија против двете жени.

Резултатите од гласањето на западниот брег ќе бидат познати доцна навечер односно рано наутро во среда. Кандидатот кој ќе освои мнозинство од 538-те електорални гласови треба да го наследи Барак Обама, 44-от претседател на земјата и првиот афроамериканец на таа позиција. Потпретседателскиот кандидат на демократите, сенаторот Тим Кеин, гласаше со својата сопруга во неговата матична држава Вирџинија. Набљудувачите на изборите известуваат за рекордна излезност на т.н рано гласање и необично силен одѕив меѓу латиноамериканските гласачи, што може да претставува предност за Клинтон.

Анкетите на национално ниво покажуваат дека води Хилари Клинтон, но оти тоа водство не е големо.

Трамп, кој изјави дека изборите се „наместени“ против него, претходно одби да каже дали ќе ги прифати резултатите од гласањето, ако тие не се во негова корист. Неговиот најстар син, денеска изјави дека Трамп „ќе го почитува исходот„ од „фер избори“.

Во повеќе области на земјата имаше долги редици на избирачките места.

Во Флорида, рекордни 6,4 милиони, односно над три-четрвтини од гласачките ливчиња напладне веќе беа пополнети. Агенциите јавија дека во Флорида демократите имаат мала предност од 39,9 проценти спрема републиканците кои освоиле 38,5 проценти од гласовите.

Во Северна Каролина демократите водат со 42 проценти спрема 32 проценти од гласовите дадени за републиканците.

Менаџерот на кампањата на Клинтон, Роби Мок, рече дека големиот одзив на т.н рано гласање, е знак дека демократската гласачка база е силна и мотивирани на изборите.

Во Колорадо, двете партии се речиси изедначени.

Трамп изгледа дека ќе има корист од т.н рано гласање во Аризона, Ајова и Охајо.

Во Аризона, републиканците водат со 42 проценти од гласачките ливчиња спрема демократите кои имаат 34 проценти од гласовите.

Претседателските избори во САД почнаа во селото Диксвил Ноч во Њу Хемпшир каде што демократскиот кандидат Хилари Клинтон доби мало водство од 4 спрема 2 гласа во однос на нејзиниот републикански ривал Доналд Трамп. По традиција гласачите на Диксвил Ноч гласаат први, веднаш по полноќ по локално време или 6 часот наутро по централно европско време. На изборите во САД се гласа на голема територија поделена во 4 временски зони. Избирачките места се отвораат во 6 часот, а се затвораат во 19 часот.

Американските избори ги надгледуваат и над 400 набљудувачи од Организацијата за сигурност и соработка во Европа.

Паралелно со изборите за претседател во САД се избираат и нови членови на Когресот.