Изборната листа на СДСМ - грешна или визионерска?

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на 21-от Конгрес на партијата одржан на 06.11.2016

Прагмата е главна карактеристика на опозициските листи за пратеници на кои се најдоа довчерашни соработници на ВМРО-ДПМНЕ, а немаше место за некои од истакнатите опозиционери.

Не постојат совршени кандидатски листи, а незадоволството што владее кај дел од членовите на СДСМ е дел од атмосферата што е очекувана за секоја демократска партија, велат аналитичарите по конгресот на кој беа усвоени листите за пратеници на партијата.

Додека во дел од СДСМ владее извесно незадоволство, бидејќи меѓу кандидатите не се најдоа имиња нa партиските членови кои во изминатиот период беа активни во јавноста, дел од експертите сметаат дека е добро што не се работи за класична партиска понуда и оти на листите се најдоа и имиња на луѓе што некогаш беа активни во Студентскиот пленум и во Шарената револуција.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, како позитивен чекор го оценува вклучувањето на граѓански активисти и интелектуалци и воведувањето на концептот на граѓански партии кој е отворен за сите етнички заедници. Тој смета дека вистинско освежување е што листите на опозицијата опфаќаат широк опсег на лица од сите страни на општеството и нагласува дека кандидатите го одразуваат општеството и неговата слика.

„Меѓу нив има докажани борци за правда слобода и демократија. Исто така има и доста квалитетни луѓе и што не е класична партиска понуда во прашање, без разлика на тоа што носителите се партиски луѓе“, вели тој.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири како негативно обележје на листите на СДСМ го потенцира присуството на Лилјана Поповска од ДОМ, потсетувајќи дека јавноста беше сведок на нејзиното претходно искуство како долгогодишен коалициски партнер во владејачката партија.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири како негативно обележје на листите на СДСМ го потенцира присуството на Лилјана Поповска од ДОМ, потсетувајќи дека јавноста беше сведок на нејзиното претходно искуство како долгогодишен коалициски партнер во владејачката партија. Во меѓувреме, Поповска се откажа од добитното место на листата на СДСМ за пратеник во Собранието. Таа на прес конференција рече дека за својата одлука ќе го извести и СДСМ и дека ќе се бори од друга позиција која сега се смета за недобитна. Таа на листата на СДСМ, која беше објавена вчера, беше поставена на четврта позиција во втората изборна единица. Поповска вели дека ДОМ има квалитетни кадри и дека е сигурна дека на добитното место ќе влезе личност која достојно ќе се бори за демократските принципи.

Таа вели дека не сака функција по секоја цена и, како што вели, сега Македонија е пред голема битка во која сите си се потребни едни на други.

Демири се прашува колку е добро тоа што ДОМ се најде на листата на СДСМ.

„Јас не знам колку е тоа позитивно што СДСМ оди на создавање на широка коалиција во која ќе има сè и сешто. Тие не се партии. Не се знае чија агенда спроведуваат, туку под притисок за победа на изборите се внесуваат. Дури се воведуваат и сили кое претходно биле од спротивната страна како што е ДОМ“, вели тој.

За Бојан Маричиќ, присуството на ДОМ на листите на СДСМ е прагматичен потег. Според него, тоа е порака за привлекување на сите што соработувале со Груевски, но увиделе дека се на погрешната страна и сакаат да се предомислат.

„Иако тие разлики не треба да се заборават и кој што правел во минатото, но сега е момент кога на овие избори ќе треба да се одлучи како Македонија ќе оди понатаму, а не што правел во минатото. Тоа е повик до сите граѓани кои се колебаат или мислат дека се на погрешна страна, а би сакале да се борат против овој режим, тоа да го направат, па макар и на 11 декември“, вели тој.

Но, од оние што ги нема на листите се нагласува отсуството и на други квалитетни луѓе кои во изминатиот период биле присутни и активни во јавноста, а незадоволни од листите за кандидати на пратеници. Софија Куновска поднесе оставка од функцијата претседателка на Градската организација на СДСМ. Маричиќ вели дека нема совршени листи, но додава дека квалитетни луѓе на опозицијата ќе и бидат потребни и по изборите. Според него, постојат и други начини тие да се вградат во активностите на опозицијата, а не само како пратеници.