„Странските служби” влегоа во изборната трка

Никола Груевски и Али Ахмети на отворањето на ОУ „Конгреси и манастирит“(Битолски конгрес) во Чаир во Скопје, 2013 година.

Груевски и Ахмети вчера зборуваа за „центри кои не и мислеле добро на Македонија“, или пак за „странски служби кои не можеле да прелажат народ“. Според аналитичарите, на ваквите изјави треба да се гледа како на најава за изборната кампања во која двете партии ќе се обидувале да најдат виновници за политичката криза.

Предизборна реторика насочена кон своето избирачко тело или пак, застрашувања на граѓаните дека без нив не се може. Вака на говорите на Никола Груевски и на Али Ахмети гледаат дел аналитичари. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ на пет недели пред изборите ги вратија странските служби и центри како фактор во Македонија кој креирал кризи.

Двајцата пред жените-членки на нивните партии викендов зборуваа за „центри кои не и мислат добро на Македонија“, како што рече Ахмети, или пак за „странски служби кои не можат да прелажат народ“, како што нагласи Груевски.

Политичката криза е нивна вина, па и да е поттикната од странски служби или некои центри повторно вината е нивна затоа што тие со години се на власт и го дозволиле тоа, смета аналитичарот Исмет Рамадани. Тој на ваквите изјави гледа како на најава за тоа кон што ќе се насочеле двете владејачки партии во изборната кампања.

„Тие сакаат да го исплашат народот, ги користат и последните нивни можности за да бидат исплашени граѓаните и да мислат дека без нив оваа држава не може понатаму“, вели Рамадани.

СДСМ, странски служби, Специјалното јавно обвинителство, името, новинари - поврзување на различни начини меѓу овие работи направи во својот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој му се заблагодари на Ахмети затоа што, како што рече, бил првиот политичар кој јавно и без влакна на јазикот ја довел работата на СЈО во врска со влегувањето на Македонија во НАТО.

„Кога ќе се земе предвид дека за членство во НАТО е потребно само решение за името, тогаш неговата реченица може лесно да се преведе и разбере, нејзината вистинска суштина е следнава, а тоа е СЈО нека работи додека Македонија не го смени името на државата“, рече Груевски.

Според Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, покрај тоа што виновникот за се ќе го лоцираат на друго место, двете партии во кампањата ќе играат, како што вели, и на картата на националните односи.

„Груевски ќе води кампања насочена кон странските амбасади, но и кон неговиот домашен непријател, Зоран Заев. ДУИ и Али Ахмети, пак, се особено внимателни со странските амбасади, па очекувам дека нивната политика ќе биде пред се насочена кон дома, веројатно кон СЈО, кон СДСМ и кон опозицијата од албанскиот блок која ќе биде посочувана со прст дека соработува со Македонците“, вели Дујовски.

Конкретно Ахмети вчера изјави дека центри кои не и мислат добро на Mакедонија ја втурнале државата во криза. Тој не откри кои се тие, но ги нарече егоистични и регресивни сили кои работат против развојот на земјата.

Груевски, пак, рече дека има уште пет недели до изборите кои ќе биле пример до сите дека не можело со напишано сценарио да се урне држава и да се разнебити народ и дека во една држава со слободоумен народ ни странски служби, ни некој кој однадвор те спремал не можел да го прелаже народот.

Инаку официјално изборната кампања почнува на 21 ноември.