СДСМ ги усвои пратеничките листи

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на 21-от Конгрес на партијата на 06.11.2016

СДСМ вечерва на 21-от Конгрес ги усвои кандидатските листи за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори што треба да се одржат на 11 декември.

Мнозинство од делегатите во хотелот “Александар Палас“ во Скопје гласаа за предложените пратенички листи. Од присутните 622 делегати, поддршка за листата која ја предложи претседателот на партијата Зоран Заев дадоа 597, додека 24 беа воздржани и еден беше против.

Во првата изборна единица носител е поранешниот претседателски кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, а во втората генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски.

Во третата изборна единица прв е дополнителниот заменик министер за земјоделство, Љупчо Николовски, додека Заев е предводник на четвртата.

Потпретседателката на партијата Радмиола Шекеринска е носителка на петтата изборна единица, а портпаролот Петре Шилегов во шестата.

На листите во графата пријатели на СДСМ се непартиски кандидати: Павле Богоевски од Шарената револуција и Ивана Туфегџиќ се во првата изборна единица, професорот Ферид Мухиќ во втората и Ирена Стефковска во петтата изборна единица. На списоците се и колациските партнери на СДСМ.

Во меѓувреме попради незадоволство од предложените кандидати за пратеници, оставка од функцијата претседател на Градската организација на СДСМ во Скопје поднесе Софија Куновска, која беше и пратеничката во досегашниот состав на СДСМ. На листите не е ставен и досегашниот координатор на пратеничката група на партијата, Горан Сугаревски.