Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека сопатничката на Диме Спасов и човекот кој првично се пријави во полиција да ја преземе одговорноста за сообраќајните незгоди, по трет пат го менуваат својот исказ даден во полиција со што ги негираат претходните изјави.
Првично сопатничката пред полицијата во петокот вечерта изјавила дека службениот џип го возел дополнителниот заменик министер Диме Спасов и дека немало никакви закани. Потоа во саботата вечерта кога и Спасов дал изказ во полициската станица Карпош, таа изјавила дека возилото го управувал човекот кој во петокот сам се пријавил во полиција да преземе одговорност за сообраќајните незгоди, со што овој пат нејзината изјава се совпаѓа со првата изјава на новопријавениот возач. Таа при третиот исказ во полиција ја негирала претходната изјава, овој пат тврдејќи дека возач на службениот џип бил Диме Спасов.
И Спасов два пати го сменил исказот во полиција вели портпаролот на МВР Тони Анегловски.
„Вчера Д.С. ја промени својата изјава, односно кажа дека во првата изјава дадена во ПС Карпош не ја говорел вистината. Во првата изјава дадена во саботата вечерта Д.С. тврди дека туарегот бил управуван од, како што рекол, неговиот возач М.Т. Но вчера, Д.С. во полициската станица Карпош дава нова изјава во која твди дека тој го управувал туарегот,“ изјави Ангеловски.
Тој додаде дека слична била состојбата и со возачот кој се пријавил да ја преземе одговорноста за сообраќајните незгоди. Возачот со иницијали М.Т. Во неколку наврати се предомислувал дали тој или Спасов го возел „Туарегот“ во петокот вечерта кога со него беа удрени други две возила.
Портпаролот на МВР истакна и дека е утврдено дека туарегот удрил во возилото пасат и дека сето тоа е документирано, а снимена е и пријавата на 192 на оштетениот возач на пасатот.
Тој не ги коментираше снимките кои се појавиле во медиумите од системот на МВР
„Снимките нема да ги коментирам и за се во врска со нив ќе барате одговор од директорот на УБК“, рече Ангеловски.
Претходно претставници на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го обвинија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека го става МВР во своја служба само за да оствари партиски поен плус и да се пресмета со неистомислениците.
Спасовски се обиде да ја заштити и криминалната структура која ја води предизборната битка на СДСМ во недостаток на политички капацитети на партијата, е наведено во едно од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ.