Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски денеска изјави дека во Министерството не постојат документи со кои би се докажале тврдењата на директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски оти постои договор со кој службени моторни возила од Агенцијата се ставаат на располагање на Министерството. Според неа, Правилникот на Агенцијата не дава можност тој да даде овластување за користење на возилата на лица кои не се вработени во Агенцијата.
Ташевска Ременски најави и кривични пријави за Поповски и дополнителниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов и побара тие да се повлечат од функциите што ги извршуваат, поради незаконското работење поврзано и со сообраќајната несреќа во која учествувал и Спасов.
Агенцијата за вработување, пак, ги оцени тврдењата на министерката како лаги и клевети и побара извинување. Во спротивно, се посочува во реакцијата, ќе и бидат поднесени тужби за клевета и навреда.
Тие посочуваат дека Ташевска Ременски нема никаков кредибилитет и дигнитет да бара оставки.
Вчера попладне Агенцијата за вработување соопшти дека во октомври 2015 година склучила Договор со Министерството за труд и социјална политика согласно кој му отстапува расположливи технички средства, меѓу кои и расположливи службени моторни возила, освен возила кои се донација од ЕУ, а оти за користење и управување со овие возила на Агенцијата, директорот издал и соодветни овластувања.
Дополнителниот заменик-министер за труд и социјала Диме Спасов пред неколку дена направи две сообраќајни несреќи со службено возило на Агенцијата за вработување по што избегал.