Квалитетот на образованието, здравството, животната средина и воопшто нивото на квалитетот на животот во општествата, во голема мера зависи од тоа какви политики спроведуваат политичките партии кои ја освоиле власта, оние кои носат одлуки во името на сите граѓани.
Младите се важен дел од секоја земја и нивниот интерес и вклученост во носењето на одлуките влијае и врз развојот на земјите.
Но, колку младите во Македонија се заинтересирани за политиката. Во изминатите две години преку студентските и средношколските протести тие покажаа интерес за поголема вклученост во демократските процеси. Но сепак се чини дека апатијата кај нив се уште е присутна.
Пред Универзитетот св. Кирил и Методиј во Скопје поголем дел од студентите со кои разговаравме рекоа дека политика не ги интересира. Некои велат дека во моментов поважен им е факултетот, а други дека воопшто не ги влече политиката.
Студентот Христијан Митров вели дека едноставно нема време за политика, додека, пак, неговиот колега дополнува дека политиката е преголема грижа за младите да можат да ѝ се посветат.
„Сметам дека политиката е премногу голема преокупација да се замараме со нешта кои не нè засега на некој начин и врз кое немаме влијанија.“
Оние кои имаат некаков интерес раскажаа дека многу е важно младите да бидат посветени на случувањата во општеството. Јордан Данчев вели дека политика е наука за животот.
„Народот треба да управува со политиката, сите треба да бидеме заинтересирани, бидејќи проблемите се решаваат заеднички“, вели тој.
Но, покрај слабата заинтересираност за политика, младите во Македонија не го користат доволно и правото на глас. Слабиот интерес е нотиран во истражувања на невладини организации и меѓународни експерти во минатите изборни циклуси. Во нив се вели дека недоволната едукација е главната причина за слабото учество во најважниот демократски процес – изборите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Студентка на факултетите на УКИМ која не сакаше да го открие идентитетот, објасни дека не знае како се гласа, бидејќи досега никогаш не го искористила правото на глас.
И други нејзини колеги рекоа дека досега никогаш не биле да гласаат.
„Да, досега немам отидено, ова ќе ми биде прва година ако одам да гласам и мислам дека ќе одам, би требало да одам“, вели Христијан Митров.
„Планирам да го користам правото на глас, но не се замарам во однос на следење вести и слично.“
Студентот Јордан Данчев потенцира дека младите треба да го користат правото на глас.
„Да. Моќта е во народот, народот одлучува, политиката е народот, тие ја имаат моќта“, вели Данчев.
Деновите активисти од невладини организации започнаа кампања на терен со активности со кои се надеваат дека ќе ги поттикнат младите да излезат на изборите на 11 декември и да го дадат својот глас.