Судот денеска ги одложи рочиштата за двата предмета во кои лидерот на ДУИ, Али Ахмети и неговиот сопартиец Муса Џафери го тужат поранешниот шеф на УБК, Слободан Богоески за неговата изјава дадена пред американскиот суд за случајот Маѓар Телеком. Тие од Богоески бараат парична отштета од 5 ипол милиони денари (90 илјади евра), односно Ахмети бара 3 милиони, а Џафери 2 ипол милиони денари. Тужителите не се појавија во судница.
Адвокатот на тужениот Валентин Зафиров изјави дека барале одложување на рочиштата поради тоа што не бил запазен рокот за Богоески писмено да се изјасни по тужбата. Според него, тужбите кои биле поднесени во декември 2015 година сега се актуелизираат во интерес на актуелната политичка кампања која се води за изборите и затоа толку време се чекало да започне и судскиот процес.
Богоески рече дека целта е јасна, односно да се амортизира неговата изјава пред американскиот суд и смета дека тужбата за клевета не е дозволена согласно законите и е казнива, бидејќи не може да се тужи некој за изјава дадена во судска постапка. Двете судења се одложени за 27 јануари.