Коментари за Диме Спасов - Брани, брани, не се одбранува

Архивска фотографија - Диме Спасов дава изјава пред медиуми.

Диме Спасов по сообраќајките стана топ тема за коментирање. Коментарите се движат од резигнирани, гневни до подбивни и иронични. Актуелен во изминативе денови е и Љубчо Георгиевски, кој го нападна Слободан Богоевски

Ако некој се прослави овие денови, ама во негативна смисла, тоа е Диме Спасов, дополнителниот заменик министер на труд и социјала, откако направи две сообраќајќи со службено возило користено во приватни цели. Фејсбук „експлодира“ од коментари – резигнирани, гневни, подбивни, иронични.

Александар Димитров напишал дека се чувствува понижено и како да има десет години: „Срамота, стварно нешто мора да се менува, овие не се нормални, будали не прават“. Младен Марковиќ му препорачува на Спасов да си поднесе оставка и иронично го советува да се вработи во новите инвестиции, да си зема 12 илјади плата, на улица нема да остане при толку нови работни места, „па ќе немаш време да се напиваш, а камоли автомобил да возиш“. Игор Миленковски исто така иронизира: „ВМРО во одбрана на Диме: СДСМ нема програма!“ Како и Нат Анн: „Бранко е крив. И Заев. И СЈО. И странски служби... има гаранат уште некој што е крив“. Николче Јовановски постирал: „Брани, брани, не се одбранува“. По информацијата дека Спасов прво избегал од местото на сообраќајките па се пријавил во полиција, Ќамил Исеин вели: „Го натерал Грујчо да се јави во полиција. Готово, средена работа. Они убиваат, па никому ништо...“ Кадри Зибери дополнува: „Дечкото на плоштад го убија... па го криеја и вртеа два-три дена, а камоли за Диме и сообраќајкава...“ Сашка Ангеловска резигнирано наведува: „Сега по казна ќе стане амбасадор. Циркусот продолжува, за жал“.

Актуелен во изминативе денови е и Љубчо Георгиевски, кој го нападна Слободан Богоевски поради неговите изјави за поврзаноста на контроверзниот грчки бизнисмен Кондоминас со Груевски. Георгиевски за РСЕ изјави дека не се сеќава дали Груевски го потпишал договорот за приватизација на ОКТА, а Марјанчо Ангеловски на тоа се чуди: „Како може премиер кој во секој говор пред камерите покрај фалењето дека ’Груевски беше добар министер за трговија и финансии‘, го фалеше за продажбата на ОКТА како најдобро извршена приватизација во Македонија, да не се сеќава кој е потписник на договорот за продажба под екстра услови за грчката компанија? А дали знае кој потпишал анекс договор со Хеленик петролеум за ОКТА и кој не замина за Лондон кога таа фирма ја тужеше Македонија за ОКТА и Македонија го изгуби спорот?“, потсетува Марјанчо Ангеловски.